Италијанската пошта информира дека во Центарот за сортирање во Фјумичино секојдневно пристигнуваат стотици писма адресирани до Папата. Постои постојан прилив уште од почетокот на неговиот понтификат.
„До Неговата Светост папата Лав“, „Per Sua Santità“. На задниот дел од писмата и разгледниците јасно е наведена дестинацијата – дури и кога адресата е нецелосна или неточно наведена. За италијанските поштенски работници тоа не претставува проблем: поштата мора да биде испорачана во Ватикан, а примачот е Папата – кому секој ден му пристигнуваат околу 100 килограми писма. Тоа го потврдува Италијанската пошта во официјално соопштение.
Постојан прилив
Според Антонело Чидикимо, раководител на Центарот за сортирање во Фјумичино – ваквиот обем на пошта претставува постојана појава од изборот на Роберт Превост за Папа, на 8 мај 2025 година. „Писмата пристигнуваат од целиот свет,“ вели тој, „а засега не може со сигурност да се утврди од која земја доаѓаат најмногу. Денес, на пример, пристигнаа писма и разгледници од САД, Косово и Индија.“
Дестинација: Ватикан
Откако поштата прво ќе пристигне во Центарот за сортирање во Фјумичино, таа се подложува на безбедносни проверки и се обработува преку специјализиран автоматизиран систем за регистрација и мерење. Потоа, „поштата за Папата“ се испраќа до дистрибутивниот центар најблиску до Ватикан, по што се доставува на крајната дестинација.
Писма за Лав XIV од целиот свет
Содржината на писмата најчесто е тешко да се дознае однапред. Сепак, понекогаш некој цртеж на плико или несигурниот ракопис открива дека пораката е испратена од дете или од постара личност, која му доверува на Папата некоја мисла, молитва или лична молба. Она што е сигурно е дека секоја разгледница и секое писмо носи во себе драгоцен дел од оној што го испраќа – и Папата тоа, без сомнение, го знае.
Ватикан њуз/к.мк