Папата Лав XIV беше пречекан на аеродромот во Буенос Аирес од аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, откако ја заврши посетата на Уругвај.
Папата Лав XIV пристигна во Аргентина во попладневните часови во недела, 8 ноември, со што ја започна втората етапа од своето 12-дневно апостолско патување низ три јужноамерикански земји. По Уругвај и Аргентина, патувањето ќе заврши во Перу.
Папскиот авион, „Боинг 737 МАКС“ на „Аеролинеас Аргентинас“, го помина патот од 365 километри од Монтевидео до Буенос Аирес за околу еден час, летајќи над Уругвај и Аргентина.
Папата слета на меѓународниот аеродром „Аеропарк Хорхе Њубери“ во Буенос Аирес, каде во воениот дел на аеродромот се одржа официјалната церемонија на пречек.
Официјална церемонија на пречек
По слетувањето, во авионот се качија апостолскиот нунциј во Аргентина, надбискупот Мајкл Волас Банах, и шефот на аргентинскиот протокол, кои го поздравија Светиот Отец.
Потоа, во подножјето на скалите од авионот, папата Лав XIV го пречека аргентинскиот претседател Хавиер Милеи.
Официјалната церемонија вклучуваше воени почести, интонирање на химните на Светиот Престол и Аргентина, како и цвеќе што на Папата му го предадоа две деца. Потоа беа претставени делегациите на двете страни.
Надбискупот Банах, кој на 14 мај 2026 година беше именуван за апостолски нунциј во Аргентина, и надбискупот на Мендоза, Марсело Даниел Коломбо, претседател на Аргентинската епископска конференција, се меѓу претставниците на Црквата кои ја придружуваат посетата на Папата.
Буенос Аирес, град тесно поврзан со папата Фрањо
Посетата има посебно значење поради силната поврзаност на Буенос Аирес со папата Фрањо, кој беше надбискуп на аргентинската престолнина од 28 февруари 1998 година до неговиот избор за Папа на 13 март 2013 година.
Буенос Аирес, главниот и најнаселен град во Аргентина, се наоѓа на западниот брег на Рио де ла Плата. Тој е еден од главните политички, културни и финансиски центри на Латинска Америка и со децении има важно место во општествениот и економскиот живот на земјата.
Градот бил основан во 1536 година од шпанскиот конквистадор Педро де Мендоза, а повторно бил основан во 1580 година од Хуан де Гарај. Во 1776 година станал главен град на Вицекралството Рио де ла Плата. Буенос Аирес одиграл важна улога и во борбата за независност на Аргентина, која започнала со Мајската револуција во 1810 година.
Денес Буенос Аирес е поделен на 15 општини и 48 населби, познати како бариос. Историјата на градот е обликувана и од повеќе бранови доселеници, особено од Европа кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Посета на Плаза Сан Мартин
По официјалниот пречек и кратката средба со аргентинскиот претседател, папата Лав XIV со автомобил се упати кон Плаза Сан Мартин, оддалечена нешто повеќе од шест километри од аеродромот.
Историскиот плоштад, кој се наоѓа во населбата Ретиро, го носи името на генералот Хосе де Сан Мартин, еден од главните водачи во борбата за независност во Јужна Америка и национален херој во Аргентина, Чиле и Перу.
Во средиштето на плоштадот се наоѓа споменикот посветен на Сан Мартин и армиите на независноста. Плоштадот го добил неговото име во 1878 година, по повод стогодишнината од неговото раѓање, а подоцна се развил во еден од главните јавни простори во Буенос Аирес.
Со пристигнувањето во Аргентина започна втората етапа од 12-дневното апостолско патување на папата Лав XIV на три земји. Патувањето започна во Уругвај, а ќе заврши во Перу на 17 ноември.
Ватикан њуз/к.мк

