Папата Лав: Лихварството „го расипува човечкото срце“ и ги поробува сиромашните

Папата Лав: Лихварството „го расипува човечкото срце“ и ги поробува сиромашните

Папата Лав XIV го осудува лихварството како тежок грев што ги поробува сиромашните и го расипува човечкото срце; тој повикува на обновена посветеност на правдата и милосрдието и ги пофали антилихварските напори на Црквата како знак на надеж во Јубилејната година.

Папата Лав XIV ја осуди практиката на лихварство како „тежок грев“ што уништува животи, семејства и општества, нарекувајќи ја „расипување на човечкото срце“ што ги експлоатира ранливите и го поткопува човечкото достоинство.

Зборувајќи пред членовите на Националниот совет против лихварството на Италија во саботата, Папата им се заблагодари за нивната триесетгодишна посветеност на помагање на жртвите на лихварството и промовирање на етички економски практики. Тој предупреди дека лихварството, како на индивидуално, така и на глобално ниво, „останува болна и древна рана“ што продолжува да ги мачи сиромашните и маргинализираните.

Лихварството не е само сметководствено прашање

„Феноменот на лихварството,“ рече Папата, „укажува на расипаноста на човечкото срце.“ Цитирајќи го пророкот Исаија, тој потсети дека Светото Писмо ја осудува експлоатацијата и ги повикува верниците да „ги скршат синџирите на неправдата и да ги ослободат угнетените“.

„Колку далеку од Бога,“ воскликна Папата, „е ставот на оние кои ги газат луѓето додека не станат робови! Лихварството не е само сметководствено прашање – тоа е тежок грев што може да уништи семејства, да го проголта умот и срцето, па дури и да ги доведе луѓето до очај или самоубиство.“

Тој предупреди дека лихварството често се прикрива како помош што им се нуди на оние во економски тешкотии, но наскоро „се открива што е вусшност: товар што задушува“. Последиците, рече тој, паѓаат особено врз „оние што веќе се кревки, како што се жртвите на зависност од коцкање или семејствата што се соочуваат со медицински или финансиски итни случаи“.

Цели народи можат да бидат поробени

Папата Лав XIV го прошири своето предупредување надвор од поединечните случаи, осудувајќи ги „лихварските финансиски системи што можат да ги турнат цели народи на колена“.

Цитирајќи го Катехизмот на Католичката Црква, тој ги потсети слушателите на оние „кои во трговијата се занимаваат со лихварски и трговски практики што предизвикуваат глад и смрт кај нивните браќа и сестри во човештвото“. Ваквите постапки, рече тој, создаваат „структури на грев“ и носат „тешка одговорност“.

Тој остро праша: „Дали помалку среќните не се човечки битија? Зарем слабите не го делат истото достоинство со нас? Дали оние што се родени со помалку можности вредат помалку како човечки битија, предодредени само да преживеат?“

„Нашиот одговор на овие прашања,“ потврди Папата, „ја одредува вредноста на нашите општества и нашата иднина. Или ќе го вратиме нашето морално и духовно достоинство, или ќе паднеме во јама од нечистотија.“ (Dilexi te, 95)

Мисија вкоренета во милосрдието

Заблагодарувајќи му се на Антилихварскиот совет за неговата постојана служба, Папата Лав XIV ја опиша нивната работа како „знак на надеж“ во оваа Света Година, целосно усогласена со духот на Јубилејот на милосрдието.

Размислувајќи за евангелската приказна за Закхеј, Папата рече дека преобраќањето – како она на цариникот – е можно кога некој ќе се сретне со незаслужената љубов Христова. „Кога профитот станува наша цел,“ рече тој, „другите го губат својот образ и стануваат предмети за експлоатација. И на крајот, и ние се губиме себеси и нашите души.“

„Преобраќањето на оние што вршат лихварство,“ додаде тој, „е исто толку важно колку и нашата блискост со оние што страдаат поради тоа.“

Завршувајќи го своето обраќање, Папата Лав XIV ги охрабри оние кои се вклучени во борбата против лихварството да истраат со храброст и единство, поддржани од пастирите на Црквата и вдахновени од Евангелието.

Ватикан њуз/к.км

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот