Папата Лав: Во мрачната историја, блаженствата се светлина што го обновуваат животот

Папата Лав: Во мрачната историја, блаженствата се светлина што го обновуваат животот

Во неделното пладневно обраќање на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV нагласи дека во Проповедта на гората, Исус го открива Божјиот план за спасение, кој единствено може да ги храни оние кои бараат мир и правда, кој е извор на искупување и сидро на вистината среде лагите. Благодарение на Христос и преку него, горчината на искушенијата се претвора во радост на искупените.

Исус им дава на своите ученици нов закон кога ги објавува Блаженствата, светлата што Бог ги пали во мрачната историја, откривајќи го својот план за спасение што го остварува преку Синот, со силата на Светиот Дух. Овој закон го обновува нашиот живот и го прави добар, дури и кога е неуспешен и мизерен во очите на светот. Папата Лав XIV го нагласи ова во недела 1 февруари 2026 година, во своето пладневно обраќање, додавајќи:

Само Бог може навистина да ги нарече сиромашните и страдалниците блажени, бидејќи тој е најголемото добро кој им се дава на сите со бескрајна љубов. Само Бог може да ја задоволи гладта на оние кои бараат мир и правда, бидејќи тој е праведен судија на светот, создател на вечен мир. Само во Бога кротките, милостивите и чистите по срце наоѓаат радост, бидејќи тој е исполнување на нивните очекувања. Во прогонството, Бог е извор на искупување; во лагите, тој е сидро на вистината. Затоа, Исус објавува: „Радувајте се и веселете се!“

Исус ја осветлува смислата на историјата

Кој верува дека Бог е различен од начинот на кој Христос Го открива, ги смета блаженствата за парадокс, а оние кои очекуваат дека моќните секогаш ќе владеат со земјата се изненадени од Исусовиот говор. Оние кои мислат дека среќата им припаѓа на богатите можеби мислат дека Исус е занесеник. Сепак, грешката лежи токму во недостатокот на вера во Христос – забележа Римскиот епископ, кој го опиша идентитетот на Исус со неколку зборови. Тој е сиромашен човек кој го дели својот живот со сите, кроток човек кој истрајува во болка, миротворец прогонуван до смрт на крстот. Исус ја осветлува смислата на историјата – нагласи Папата – не историја напишана од победниците, туку историја што Бог ја исполнува спасувајќи ги угнетените. Затоа, додаде:

Синот го гледа светот со реалната љубов на Отецот; од друга страна, како што рече папата Фрањо, постојат вешти илузионисти. Не смееме да ги следиме, бидејќи тие не можат да ни дадат надеж. Бог, напротив, ја дарува оваа надеж пред сè на оние кои светот ги отфрла како безнадежни.

Доказ за среќа

Во пракса, блаженствата се доказ за среќа. Затоа Светиот Отец повика да размислиме: дали среќата е достигнување што треба да се стекне или дар што треба да се сподели со другите? Дали е тоа нешто што го консумираме за себе или нешто што го наоѓаме во односите што нè придружуваат на нашиот пат низ животот? Петровиот наследник даде одговор дека „поради“ Христос и благодарение на него, горчината на искушенијата се претвора во радост на искупените. Исус не зборува за далечна утеха, туку за постојаната благодат што секогаш нè одржува, особено во време на неволја. На крајот рече:

Блаженствата ги воздигнуваат смирените, а ги распрснуваат гордите и вообразените. Затоа, да прибегнеме кон застапништвото на Пресвета Дева Марија, слугинката Господова, која сите генерации ја нарекуваат блажена.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот