Папата: Кон оние кои бараат скандал –молчење и молитва

Папата: Кон оние кои бараат скандал –молчење и молитва

Исус со своето молчење го победува ѓаволот кој сее лага во срцето.

Вистината е смирена и тивка. Кон луѓето кои бараат само скандал, кои бараат само поделба единствениот пат е молчењето и молитвата – истакна папата Фрањо продолжувајќи со служењето на светата Литургија во домот Света Марта, на 3 септември 2018 година. Својата проповед ја започна со делот од литургиското Евангелие според Лука (4, 16-30) во кој се зборува за тоа како Исус враќајќи се во Назарет е примен со сомнеж. Словото Господово кое се наоѓа во тој дел ни овозможува да размислуваме за начинот на делување во секојдневниот живот кога постојат недоразбирања, и да сфатиме дека таткото на лагата е оној кој обвинува, ѓаволот делува за да го уништи единството на семејството и на народот – предупреди Папата.

Откако пристигнува во синагогата Исус го примаат со голема љубопитност. Сите сакале со сопствени очи да ги видат големите дела кои ги правел во другите краишта – рече Светиот Отец и нагласи: Но, Синот на Отецот небесен го користи само „Словото Божјо.“ Тоа е ставот на Исус по обичај кога сака да го победи ѓаволот. Токму тоа однесување на понизност дава простор за Словото кое го победува зборот кој сее сомнеж, кој ја менува атмосферата од мир до војна, од восхит до презир. Исус со своето молчење ги победува „нечистите духови“, ѓаволот кој ја посеал лагата во срцето.

Тие не биле луѓе, туку „глутница диви кучиња“ кои го одведуваа надвор од градот – рече папата Фрањо и продолжува: Не размислувале, викале, а Исус молчел. Го одведуваат на работ на еден рид за да го турнат одозгора. Делот од Евангелието завршува со: „Но Он си помина меѓу нив и си отиде.“ Тоа е Исусовото достоинство; со своето молчење ја победува „дивата глутница“ и заминува, затоа што сѐ уште не дошол часот кој ќе се случи на Велики Петок. Луѓето кои на Цветници му подготвиле на Исус славење и воскликнувале „Благословен, Сине Давидов,“ тогаш викале „распни го“, се промениле. Ѓаволот посеал лага во срцето, а Исус молчел.

Кога на дело има такво однесување, кога не се гледа вистината, преостанува молчењето – рече Папата и додава: Тоа е молчење кое победува, но преку крстот, тоа е Исусовото молчење. Колку пати во семејствата започнуваме расправа за политика, спорт, пари и во едниот и во другиот случај семејствата се уништени. Во тие расправи се гледа дека ѓаволот токму таму сака да уништи. Во тие моменти треба да се каже своето мислење и потоа да се молчи, затоа што вистината е смирена, тивка, не е бучна. Тоа што Исус го направил не е лесно, но достоинството на христијанинот е вкотвено во Божјата сила.

Кон луѓето кои немаат добра волја, кои бараат само скандал, поделба и уништување, па и во семејствата треба да се заземе став на молчење и молитва. Нека Господ ни даде благодат да откриеме кога мораме да зборуваме, а кога да молчиме. Општо во животот: на работа, дома, во друштво и во секојдневниот живот. Така повеќе ќе бидеме Исусови следбеници – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот