Да бараме нови патишта, но под услов тие да бидат Господови патишта.
Преобраќањето на Савле од Тарс на патот кон Дамаск повикан од гласот на Господ е голема промена во историјата на спасението која означува отвореност кон поганите односно кон оние кои не биле Израелци. Со еден збор се работи за отворени врати на универзалноста на Црквата, која Господ ја одобрил затоа што е важна работа – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше на 10 мај 2019 година во домот Света Марта, зборувајќи за познатиот дел од Делата на светите апостоли кој зборува за Исусовиот избор да го промени животот на човекот кој до тогаш бил гонител на христијаните.
Па, во центарот на проповедта на Папата беше ликот на апостолот на народите кој ослепил и останал во Дамаск три дена без храна и вода сѐ додека Господ не го испратил Ананија кој му го вратил видот, давајќи му можност да започне нов пат на преобраќање и проповедање, исполнет со Светиот Дух. Павле бил човек силен, заљубен во Божјиот закон и во чистотата на законот. Бил чесен и иако бил темпераментен бил доследен.
Пред сè бил доследен затоа што бил човек отворен за Бог – рече Светиот Отец и објасни: Ако ги прогонувал христијаните тоа го правел затоа што бил уверен дека Бог тоа го сака. Тоа било ревност за чистота на Божјиот дом и за славата Божја. Неговото срце било отворено за Божјиот глас. Бил подготвен да ризикува и да оди напред. Уште една карактеристика на неговиот темперамент е послушноста. Бил послушен, не бил тврдоглав.
Можеби неговиот темперамент бил тврдоглав, но не и неговата душа – рече папата Фрањо и истакна: Павле бил отворен за Божјите совети. Со жар ги затворал и убивал христијаните, но веднаш штом го слушнал Господовиот глас станува како дете, дозволил да биде воден. Дозволил да го одведат во Дамаск, постел три дена, чекал Господ нешто да му каже. Сите негови уверувања замолкнуваат, чекајќи го Господовиот глас и на крајот прашал: Господи што треба да направам?
Заминал за Дамаск за да се сретне со друг послушен човек чија катехеза ја прифатил како дете и дозволува да се крсти како дете – рече Папата и продолжи: После тоа му се вратила силата, но молчел. Потоа заминал да се моли во Арабија, не знаеме колку време, можеби со години, не знаеме. Тоа е послушност. Тоа е отвореност за гласот Божји и за послушноста. Тоа ни е пример и денес ми е мило за тоа да зборувам пред монахињите кои слават 50 годишнина од монаштвото. Ви благодарам што го слушате гласот Божји и што сте послушни.
Папата Фрањо благодари на големиот број смели мажи и жени кои го ризикуваат својот живот, кои одат напред, барајќи нови патишта во животот на Црквата. Да бараме нови патишта, зошто тоа е од полза за сите. Но под услов патиштата да бидат Господови. Треба да се оди напред: напред во длабочина на молитвата, во длабочината на послушноста и во длабочината на срцето отворено за Божјиот глас. Само така се создаваат вистинските промени во Црквата, со луѓе кои знаат да се борат и во малите и во големите работи.
Христијанинот мора да ја има таа харизма за малите и големите работи – рече Папата и на крајот од проповедта упати молитва до свети Павле токму за благодатта на послушноста на Божјиот глас и за срце отворено за Господ; за благодатта да не се исплашиме да правиме големи работи, да одиме напред под услов да сме чувствителни за грижата за малите работи.
Ватикан њуз/к.мк