Папата: Исус ја одржува нашата надеж додека одиме кон Него во единство

Папата: Исус ја одржува нашата надеж додека одиме кон Него во единство

На празникот Преобраќање на Свети Павле, кој го означува затворањето на Молитвената осмина за единство на христијаните, папата Фрањо ги повика христијаните повторно да ги откријат заедничките корени на верата и го повтори својот апел да се најде заеднички датум за Велигден.

Иако сите се соочуваат со моменти на очај или познаваат луѓе кои ја изгубиле надежта, „Евангелието ни зборува дека Исус секогаш ја враќа надежта“, рече папата Фрањо во саботата вечерта, 25 јануари 2025 година, во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините. „Тој постојано нè подигнува од пепелта на смртта и ни дава сила да продолжиме, да започнеме одново“.

Во својата проповед за празникот Преобраќање на Свети Павле – кој исто така го означува завршеток на Молитвената осмина за единство на христијаните – папата Фрањо размислуваше за евангелскиот извештај за средбата на Исус со Марта по смртта на нејзиниот брат Лазар. Како одговор на исповедта на верата на Марта во воскресението на мртвите на крајот на времето, Исус ја уверил дека Тој Самиот е воскресението и животот и ја праша: „Дали веруваш во ова?“

Овој евангелски пасус ја даде темата за овогодинешната молитвена осмина и не учи, рече Папата, „дека дури и во време на длабока пустош, не сме сами и можеме да продолжиме да се надеваме“.

И ова е важно не само во нашите сопствени животи, туку и „за животот на христијанските заедници, нашите цркви и нашите екуменски односи“, рече Папата. Ако понекогаш се чувствуваме обесхрабрени или безнадежни, Исус сепак доаѓа кај нас. „Дали веруваме во ова? праша папата Фрањо. „Дали веруваме дека Тој е воскресението и животот?

Светиот Отец истакна дека евангелската порака за надеж „е во срцето“ на јубилејната година. Оваа надеж, која доаѓа од Светиот Дух, е исто така основата на екуменскиот пат.

Папата Фрањо, повтори дека во 2025 година ќе се одбележи 1700 – годишнина од Соборот во Никеја, првиот од големите Вселенски собори, кои го формулираа Никејскиот Символ на верата. Ова верување, рече Папата, „е заедничка исповед, на верата, која ги надминува сите поделби кои низ вековите го распарчиле Телото Христово“; и годишнината од нејзиното прогласување е „можност за сите христијани кои го исповедаат истиот Символ на верата и веруваат во истиот Бог“.

„Да ги откриеме повторно заедничките корени на верата“, извика Папата. „Да го зачуваме единството!

На крајот, папата Фрањо ја искористи приликата да го обнови својот апел дека христијаните можат да работат заедно „за да направат одлучувачки чекор напред кон единство околу заеднички датум за Велигден“, бидејќи оваа година Велигден паѓа на истиот датум, како според Јулијанскиот, така и според Грегоријанскиот календар.

Завршувајќи ги своите размислувања, папата Фрањо нагласи: „Во Исус надежта е секогаш можна“, а Исус е „оној што ја одржува нашата надеж додека одиме кон Него во единство“. Навраќајќи се на Исусовото прашање до Марта, папата Фрањо праша: „Веруваш ли во ова? Дали веруваме во заедништво еден со друг?“

И ја заврши својата проповед со повикот: „Драги браќа и сестри, ова е време да ја потврдиме нашата вера во единствениот Бог и да го најдеме во Христа Исуса патот до единството… никогаш да не се умориме да сведочиме, на сите народи, за единородниот Син Божји, изворот на сета наша надеж“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот