Исус не повикува да го преземеме „ризикот на љубовта“: да продадеме сè и да подадеме на сиромашните, што значи да се откажеме од себе и од нашата лажна сигурност, да покажеме внимание на оние на кои им е потребна, истакна папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов, во недела 13 октомври 2024 година.
Зборувајќи за Eвангелието наменето за неделната литургија (Маркок 10,17-30), Папата се осврна на богатиот човек кој притрча да го пречека Исус и го праша: „Учителе добар, што треба да направам, за да наследам живот вечен?” (р. 17). Исус го повикува да остави сè и да го следи, но тој заминува натажен – како што е наведено во текстот – „зашто имаше големо богатство“ (р .23). Можеме, додаде Светиот Отец, да видиме две движења на овој човек: на почетокот брза да дојде до Исус, но на крајот сепак го остава тажен. Прво брза да се сретне, а потоа заминува тажен.
Најпрво, рече Папата, притрча „некој“ кај Исус. Како нешто во срцето да го принудува на тоа. Имено, и покрај тоа што имал големо богатство, тој е незадоволен, немирен е, бара поцелосен живот. Како што често прават болните и опседнатите (сп. Марко 3,10; 5,6), како што се гледа во Евангелието, тој се фрла пред нозете на Учителот; тој е богат, но му треба исцелување.
Светиот Отец потоа истакна дека Исус го гледа со љубов и му предлага „терапија“: му предлага да продаде сè што има, да го раздаде на сиромашните и да го следи. Но, во тој момент доаѓа неочекуван заклучок: лицето на тој човек станува тажно и си заминува од Исус! Колку и да беше голема и силна желбата да се сретне со Исус, разделбата од него беше ладна и брза, додаде Папата. И ние, додаде тој, ја носиме потребата животот да има смисла во нашите срца.
„И ние, браќа и сестри, носиме во нашите срца ненаситна потреба за среќа и живот исполнет со смисла; сепак, можеме да паднеме во илузија и да мислиме дека одговорот лежи во поседувањето на материјални работи и земна сигурност. Меѓутоа, Исус сака да ни ја врати вистината на нашите желби и да ни помогне да откриеме дека, во реалноста, доброто по кое копнееме е самиот Бог, неговата љубов кон нас и вечниот живот што тој и само тој може да ни го даде“. истакна Петровиот наследник.
Вистинското богатство, продолжи Папата, е тоа што Господ нѐ гледа со љубов како што гледа Исус и на тој човек, и да се сакаме еден со друг правејќи го нашиот живот дар за другите. Браќа и сестри, Исус нè повикува да ризикуваме – „ризикот на љубовта“: да продадеме сè и да го раздадеме на сиромашните, што значи да се одречеме од себе и од нашата лажна сигурност, да покажеме внимание на оние кои имаат потреба и да ги споделуваме нашите добра, не само работи, туку она што сме: нашите таленти, нашето пријателство, нашето време и слично, додаде Папата.
„Тој богат човек не сакаше да „ризикува“. А каков ризик е тоа? Не сакаше да ја ризикува својата љубов и си замина од Исус со нажалено лице. А ние? Да се запрашаме: за што е наврзано нашето срце? Како да ја задоволиме гладта за живот и среќа? „Дали ги познаваме оние кои се сиромашни, оние кои се во неволја или на кои им треба некој да ги слуша, на кои им треба насмевка, збор што ќе им помогне повторно да најдат надеж“, праша Светиот Отец.
Вистинското богатство не е добрата од овој свет. Вистинското богатство се крие во тоа што Бог нè љуби и се учиме да љубиме како што Тој љуби, истакна Светиот Отец пред молитвата Ангел Господов.
Ватикан њуз/к.мк