Папата испрати телеграма со сочувство за кардиналот Ланга од Мозамбик, кој го проповедаше мирот
Папата Лав XIV испрати телеграма до надбискупот Франциско Чимојо, апостолски администратор на Шаи-Шаи во Мозамбик, изразувајќи ја својата духовна блискост по смртта на кардиналот Жулио Дуарте Ланга. Папата потсети дека кардиналот му се посветил „со едноставност, ревност и упорност на стадото што му било доверено, без да дозволи да биде обесхрабрен од тешкотиите“.
Папата Лав XIV му оддаде почит на кардиналот Жулио Дуарте Ланга, почесен заслужен епископ на Шаи-Шаи, мозамбиската епархија што ја водеше околу 28 години. Кардиналот почина на 3 август, на 98-годишна возраст.
Во телеграмата упатена до капуцинскиот фрањевец и надбискуп Франциско Чимојо, апостолски администратор на оваа мозамбиска епархија, Папата изрази сочувство и ја увери Црквата во Мозамбик во својата духовна близина.
Тој порача дека е близок „до епископите на Мозамбик, до семејството на овој сакан брат, до епархијата на која ѝ служеше со посветеност и до целата земја, која тагува за загубата на таков славен пастир“.
Кон иднина на братство
Во ова време на загуба, но „пред сè, на надеж“, папата Лав XIV го прослави Бога за „долгиот живот на Дом Жулио и за благодатта на неговото свештенство за Мозамбик и за универзалната Црква“.
Папата потсети и на некои од најважните обележја на пастирската служба на покојниот кардинал.
„Верен на Исус, својот Учител и Господ“, напиша папата Лав XIV, кардиналот Ланга „од Него ја научи уметноста на блискоста во пастирската грижа за душите, посветувајќи се со едноставност, ревност и упорност на стадото што му беше доверено“.
„Тој не дозволи да биде обесхрабрен од тешкотиите“, продолжи Папата, „туку во тие тешкотии виде места жедни за Добрата вест, особено кога стана неопходно да се проповеда Евангелието на мирот и помирувањето за иднина на братство меѓу сите Мозамбичани“.
Ватикан њуз/к.мк

