Папата испрати порака до Доналд Трамп

Папата испрати порака до Доналд Трамп

На 20 јануари 2017 година папата Фрањо испрати порака до Доналд Трамп по повод инаугурацијата за 45. претседател на САД, во која му честиташе и му загарантира дека ќе го моли Бог за него, за да му даде мудрост и сила во извршувањето на неговите претседателски должности.

„Во време кога нашето човечко семејство е погодено од тешка хуманитарна криза која бара далекусежни и заеднички политички одговори, се молам дека Вашите одлуки ќе бидат водени од богатите духовни и етички вредности кои го обликуваа американскиот народ и посветеноста на Вашата земја во промовирањето на човечкото достоинство и слободата во целиот свет,“ напиша Светиот Отец.

Папата му посака на новиот американски претседател под негово водство Америка и понатаму пред сѐ да води грижа за сиромашните, отфрлените и оние во потреба, кои стојат пред нашите врати како Лазар,“ и својата порака ја завршува барајќи „од Господ да Ви даде Вам, на Вашето семејство и на целиот американски народ својот благослов, слога и материјална и духовна благосостојба.“

Доналд Трамп на 20 јануари 2017 година положи свечена заклетва за 45 американски претседател со раката на две Библии: на својата која му ја подарила неговата мајка, и Библијата која ја користел Абрахам Линколн за својата инаугурација во 1861 година. Во својот говор за инаугурацијата порача дека ќе ја врати власта на народот и истакна дека како дома така и во странство ќе ја спроведува политиката „Америка на прво место.“

Додаваме дека на инаугурацијата учествуваше и надбискупот на Њујорк кардинал Тимоти Долан кој ја прочита молитвата за мудрост од деветта глава од Книгата на мудроста Соломонова.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот