Папата: Исповед на верата, прогонство, молитва

Папата: Исповед на верата, прогонство, молитва

На 29 јуни 2017 година, празникот на светите апостоли Петар и Павле, папата Фрањо ја предводеше светата Литургија во базиликата „”Свети Петар” и при тоа ги благослови и палиумите за новите архиепископи-митрополити. По традиција, на свечената празнична литургија учествуваше и делегација од Вселенската патријаршија.

Во проповедта Светиот Отец зборуваше за три клучни точки: исповедување на верата, прогонство и молитва.

Посебен пример за исповедувањето на верата, според зборовите на Папата, е исповедта на свети Петар: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог”. Папата посочи дека ова важно прашање Исус го упатува и кон нас, пастирите, нѐ гледа во очи и нѐ прашува: „Кој сум јас за тебе?”. Папата додаде: „Ајде да се запрашаме дали сме христијани во дневна соба, кои мрморат за тоа како стојат работите во Црквата и во светот, или апостоли на пат, кои ја исповедаат Христовата вера со својот живот, бидејќи го имаат Него во своето срце. Кој ја исповеда верата знае дека не треба само да дава мислење, туку и да си го даде и животот …”. Светиот Отец истакна дека „кој ја исповеда верата Христова постапува како Петар и Павле: Го следи докрај на Неговиот пат … Неговиот пат е патот на новиот живот, на радоста и на Воскресението, пат кој поминува и низ Крстот и прогонството”.

Токму ова е вториот клучен збор наведен од Папата: прогонство. Светиот Отец истакна дека „и денес, во различни делови на светот, понекогаш во тишина и не ретко со соучесничко молчење, многу христијани се запоставени, наклеветени, дискриминирани, станале предмет дури на смртни насилства, често без потребниот ангажман од оние кои можат да принудат да се почитуваат нивните основни права”.

Цитирајќи го Свети Павле, Папата истакна дека „да се толерира злото не значи само да се има трпение и да се живее во примирје; трпението значи да се имитира Исус: да се носи товарот – на рамењата, за Него и за другите”.

Третиот клучен збор, кој го посочи Папата е молитвата. Молитвата ни овозможува да се чувствуваме сакани и ја одржува нашата христијанска љубов, дури и во најтешките времиња. Молитвената Црква ги зајакнува своите чеда и им помага да издржат во искушенијата.

По светата Литургија, папата Фрањо ја молеше молитвата Ангел Господов: „Нашата молитва денес, на празникот на Светите Петар и Павле, е пред сè за Црквата и за оние кои живеат во Рим и за овој град, чии покровители се Петар и Павле”.

Пред молитвата, Папата ги спореди двајцата апостоли со два “столба” на Црквата и потсети дека тие исто така имаат претрпено „непријателство и затвор”, тие биле обединети од фактот дека биле испратени од Исус „да го навестуваат Евангелието во тешки ситуации па дури и непријателски”; нивниот „личен и црковен” живот покажува дека „Бог е секогаш со нас, никогаш не нѐ напушта, оди заедно со нас”.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот