Папата: Исповедалницата не е хемиско чистење

Папата: Исповедалницата не е хемиско чистење

Да ни простат и да простуваме: тешко е да се сфати тоа таинство. Потребна е молитва, каење и срам – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 21 март 2017 година, во капелата на домот Света Марта.

Папата ја истакна важноста на свесноста за прекрасните дела кои во нас Бог ги прави со своето милосрдие, за да можеме да Го покажуваме на другите, а предупреди на лицемерната „кражба на лажната прошка“ во исповедилницата.

Простувањето е „тешко сфатливо таинство“ – рече Папата осврнувајќи се на литургиските читања, преку кои, како што рече, Црквата нѐ воведува во таинството на простување, големото дело на Божјото милосрие.

Првиот чекор е срамот заради сопствените гревови, а таа милост не можеме сами да ја постигнеме. Божјиот народ е способен да го почувствува срамот заради сопствените гревови, намалени сме и понижени, како што вели првото читање земено од Книгата на пророкот Даниил, додека протагонистот од денешното евангелие за тоа не е способен. Станува збор за слуга на кој господарот му простува голем долг, а тој не е способен да им прости на своите должници. Не го сфатил таинството на простувањето – истакна Светиот Отец и се обрати на присутните:

Ако прашам: Дали вие сте грешници? Сите сме, оче? А што правите за да ви се прости? Се исповедуваме. А како се исповедуваш? Одам, ги кажувам своите гревови, свештеникот ми дава прошка, а за покора ми дава да измолам три Радувај се Маријо, и одам во мир. Не си сфатил! Во исповедалницата не си отишол заради банкарска трансакција, заради канцелариска работа. Не си отишол засрамен заради она што си го направил. Си видел некои дамки на својата совест, а си згрешил затоа што си верувал дека исповедалницата е некое хемиско чистење за отстранување на дамки. Не си бил способен да се срамиш од своите гревови – рече Папата.

Потребен е срам и свест за простување. Од Бог применото простување, прекрасното дело кое го направил во твоето срце, треба да влезе во твојата свест, инаку штом излезеш од исповедалницата и сретнеш пријател или пријателка ќе започнеш да го озборуваш другиот, ќе продолжиш да грешиш. Да се прости може единствено, ако чувствувам дека ми е простено – рече папата Фрањо.

Ако не си свесен дека ти е простено, нема да можеш никогаш да простиш. Секогаш ќе чувствуваш дека ќе треба со другите да ги израмнеш сметките. Прошката треба да биде целосна, може да се прости ако го чувствувам својот грев, ако се срамам и од Бог барам прошка и чувствувам дека Бог ми простил, таков може да прости. Инаку, не можеме, не сме способни да простиме. Затоа прошката е таинство – рече Папата.

Слугата, протагонист во денешното евангелие, има впечаток дека се „провлече“ бил лукав, напротив не ја сфатил „великодушноста на господарот.“ Колку пати „излегувајќи од исповедилницата чувствуваме исто, чувствуваме дека сме се избавиле,“ но тоа не е добивање на простување, тоа е „лицемерно крадење на простувањето, лажно простување“ – предупреди Папата.

Завршувајќи ја проповедта, Папата поттикна од Господ да бараме милост за да го сфатиме евангелското тврдење „седумдесет пати по седум.“ Да молиме за милоста на срамот пред Бог. Тоа е голема милост. Треба да се срамиме заради сопствениот грев и така да добиеме прошка и милост за великодушно простување на другите затоа што ако Бог ми простил на мене, кој сум јас да не простувам? – праша на крајот од проповедта Папата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот