Папата именува нов Папски милостинар и го именува кардинал Крајевски за надбискуп на Лоѓ

Папата именува нов Папски милостинар и го именува кардинал Крајевски за надбискуп на Лоѓ

Папата Лав XIV го именува надбискупот Луис Марин де Сан Мартин за префект на Дикастеријата за служба на милосрдието, позната како Папски милостинар, а кардиналот Конрад Крајевски го именува за метрополит надбискуп на Лоѓ во Полска.

Во четврток, 12 март 2026 година, папата Лав XIV го именува бискупот Луис Марин де Сан Мартин, OSA, за нов Папски милостинар, односно префект на Дикастеријата за служба на милосрдието, и му ја додели титулата надбискуп.

Надбискупот Марин де Сан Мартин од 2021 година служи како потсекретар на Секретаријатот на Синодата.

Во исто време, Папата го именува кардиналот Конрад Крајевски, досегашен префект (на Дикастеријата за служба на милосрдието, за метрополит надбискуп на Лоѓ, неговиот роден град во Полска.

Кардиналот Крајевски беше Папски милостинар од 2013 година, кога папата Фрањо го именува и за титуларен надбискуп на Беневенто.

Починатиот Папа го постави за кардинал на конзисториумот на 28 јуни 2018 година, а со Апостолската конституција Praedicate Evangelium кардинал Крајевски стана префект на новоформираната Дикастерија за служба на милосрдието.

Во разговор со Бенедета Капели за Ватикан њуз по назначувањето, кардиналот Крајевски му заблагодари на Бог за своите 28 години служба во Ватикан.

Додека студирал литургиска теологија во Рим, тогашниот отец Крајевски станал Папски церемонијал за папата свети Иван Павле II. Потоа служел и на папата Бенедикт XVI во текот на целиот негов понтификат, а потоа и на папата Фрањо, во првите десет месеци.

„Доживеав различни искуства, затоа што секој Папа ѝ донесе на Црквата нешто ново, секој со свој посебен акцент“, се присети тој.

Кога папата Фрањо го замолил да стане Папски милостинар, Папата разговарал со кардинал Крајевски два часа во авионот на летот за Рио де Жанеиро, на Светскиот ден на млади во 2013 година.

„Ми објасни што треба да правам како милостинар“, рече кардиналот. „Ме замоли да бидам покрај сиромашните, да излезам од Ватикан, и секогаш, на крајот од денот, сметката да биде празна, затоа што сè е наменето за дела на милосрдието. Но има една работа што засекогаш ми остана од она што ми го рече Фрањо: ‘Ако не знаеш што да правиш, секогаш прашај Го Господ и прашај што би направил Тој на твое место.’“

За време на својата служба, кардиналот изврши десет мисии во Украина во името на Папата, лично управувајќи амбулантни возила и други возила натоварени со итна помош за страдалното население.

Запрашан за назначувањето за надбискуп на Лоѓ, кардинал Крајевски рече дека папата Лав го прашал дали сака да ги пренесе сите искуства стекнати во срцето на универзалната Црква во една помесна Црква.

„Прифатив со радост, затоа што доброто на Црквата се раѓа од близината со верниците“, рече кардиналот. „Мојата бискупија е голема, има два и пол милиони жители. Подготвен сум да служам.“

И покрај долгогодишната служба во Ватикан, кардинал Крајевски изрази желба да се врати дома, во Полска, во градот каде што е роден.

„Јас, всушност, никогаш не ја напуштив Полска“, призна тој. „Секогаш останав меѓу луѓето, и во себе носев и копнеж.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот