Папата: За Исус не сме странци, туку пријатели и браќа
Overview
- Brand: Добар Пастир, папа Фрањо, Царице небесна
За Исус не сме странци, туку пријатели и браќа – истакна папата Фрањо во пладневниот наговор на 7 мај 2017 година на плоштадот Свети Петар.
Светиот Отец објасни дека Исус во денешното евангелие се претставува со две слики: пастир и врата на овчото трло. За разлика од крадецот и разбојникот кој не влегува преку вратата, туку прескокнува од другата страна, Исус влегува преку вратата. Тој е пастир на овците, кому вратарот му ја отвора вратата и овците го слушаат неговиот глас. По име ги вика, па ги изведува на зелени пасишта каде наоѓаат добро пасиште.
Втората слика со која Исус се служи е „врата на овчото трло.“ Тој вели за себе: „Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси“, односно ќе има живот и тоа во изобилство. Христос Добриот Пастир стана врата за спасение на човештвото за да им даде живот на своите овци.
Исус, како Добар Пастир и врата, е водач чиј авторитет се покажува во служењето – рече Папата. Станува збор за водач кој за да управува поаѓа од својот живот и не бара од другите да го жртвуваат. На таков водач можеме да се довериме како овци кои го слушаат гласот на својот пастир затоа што знаат дека ги води на добри и обилни пасишта. Чувствуваме посебна поврзаност со Господ како овците со својот пастир. Но, понекогаш премногу ја рационализираме верата и ризикуваме да ја загубиме способноста за забележување на гласот на Исус Добриот Пастир, Кој поттикнува и воодушевува. Прекрасно е да се чувствуваш љубено од Исуса: за него никогаш не сме странци, туку пријатели и браќа – рече Светиот Отец.
Сепак, не е секогаш лесно да се направи разлика за гласот на Добриот пастир. Секогаш постои опасноста вревата од бројните други гласови да ни го одвлечат вниманието – предупреди папата Фрањо. Да не дозволиме лажните мудрости на овој свет да ни го одвратат вниманието, туку да го следиме Воскреснатиот како единствен сигурен водач кој му дава смисла на нашиот живот – поттикна Папата и на крајот повика од Блажена Дева Марија да ги следи десетте нови свештеници кои утрото ги ракоположи.
По молитвата Царице небесна, Светиот Отец рече дека вчера во Шпанија за блажен е прогласен Антонио Арибас Хортигуел и неговите другари кои за време на Шпанската граѓанска војна се убиени од омраза кон верата. Папата на посебен начин го поздрави здружението „Метер“ кое повеќе од две децении се бори против секој облик на злоупотреба на малолетниците. На крајот папата Фрањо потсети дека во месец мај посебно молиме за мир како што бараше Пресвета Богородица Фатимска.
РВ/к.мк