Папата за Иран: Мирот не се гради со меѓусебни закани ниту со смртоносно оружје

Папата за Иран: Мирот не се гради со меѓусебни закани ниту со смртоносно оружје

Папата Лав XIV апелира до народите да се сетат на својата морална одговорност да бараат мир, додека насилството ескалира на Блискиот Исток по воздушните напади што САД и Израел ги извршија врз Иран.

Обраќајќи се по молитвата „Ангел Господов“ во недела 1 март 2026 година, папата Лав XIV изрази „длабока загриженост“ поради неодамнешните настани на Блискиот Исток и во Иран.

„Стабилноста и мирот не се градат со меѓусебни закани, ниту со оружје што сее уништување, болка и смрт, туку единствено преку разумен, автентичен и одговорен дијалог“, рече Папата.

Тој предупреди на опасност од трагедија од огромни размери доколку насилството излезе од контрола.

„Соочен со можноста за трагедија од огромни размери, упатувам искрен апел до вклучените страни да ја преземат моралната одговорност и да ја запрат спиралата на насилство пред таа да стане непоправлива бездна“, нагласи Светиот Отец.

Папата Лав се помоли народите да се вратат на дијалогот, со цел да се постигне мир.

„Нека дипломатијата ја врати својата улога и нека се промовира доброто на народите, народите кои копнеат по мирен соживот заснован на правда“, рече тој. „И да продолжиме да се молиме за мир.“

Во саботата, Израел и САД започнаа заеднички воздушни напади врз Техеран и неколку други ирански градови. Потоа Иран одговори со напади врз Израел и врз неколку земји од Заливот, во кои се сместени американски воени бази.

Подоцна, државните новински агенции ја објавија смртта на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој владееше со Иран речиси 37 години.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот