Папата: Животот станува неуреден без жив однос со Бог

Папата: Животот станува неуреден без жив однос со Бог

Папата Лав XIV, во сабота 28 февруари 2026 година, ги повика семинаристите кои се подготвуваат за свештенство да го негуваат својот натприроден однос со Бог, нагласувајќи дека само така нивната идна служба може да биде навистина плодна. Тој им се обрати на семинаристи од Шпанија кои се образуваат во семинариите во Алкала де Хенарес, Толедо, Картахена и во Меѓубискупската семинарија на Каталонија.

Во обраќањето, Папата ги упати да го прочитаат неговото писмо до Надбискупската главна семинарија во Трухиљо (Перу), посочувајќи дека во него се содржани основните насоки за свештеничката формација. Сепак, додаде тој, овојпат сака да се задржи на една тема што „некако го држи“ сето друго: натприродниот поглед на реалноста, кој лесно може да се земе здраво за готово ако не се негува.

Папата потсети на мислата на Г. К. Честертон од делото „Еретици“: „Отстранете го натприродното и нема да го најдете природното, туку неприродното.“ Според него, „неприродното“ не се сведува само на скандалозни појави, туку и на животни избори со кои Бог се потиснува на маргините на секојдневните одлуки.

Човекот, нагласи Папата, е создаден да живее во однос со Бог. Кога тој однос се замаглува или ослабува, животот почнува да се нарушува одвнатре. Тој предупреди дека е опасно свештеник да зборува за Бог, а да живее без свест за Божјото присуство и без да Му дозволи на Господ да влезе во „пустината“ на животот.

Папата истакна дека постои ризик луѓето во служба да се навикнат на „Божјите работи“, без навистина да живеат од Бог. Затоа, рече тој, сè започнува и постојано се враќа на живиот и конкретен однос со Оној што повикува, не поради наши заслуги, туку по Својата благодат.

Натприродниот поглед, појасни Папата, значи да се бара подлабоката смисла на секојдневието и таа вера да се претвори во конкретни избори. Тој ги охрабри семинаристите да го вежбаат „присуството на Бог“, за верата да стане начин на гледање и живеење, а не само тема за говор.

Со една слика од природата, Папата потсети дека дрвјата понекогаш „умираат стоејќи“, останувајќи исправени, а одвнатре веќе суви. Така, рече тој, и семинаристите или свештениците можат да ја помешаат духовната плодност со голема активност и бројни задачи. Основата на секое свештеничко образование, нагласи Папата, е „да се остане со Него“ и да се дозволи човек да биде обликуван одвнатре, препознавајќи како Бог делува во сопствениот живот и во животот на народот.

Тој ја призна важноста на современите помагала во формацијата, меѓу кои и психологијата, но потсети дека вистинскиот „протагонист“ во обликувањето на срцето е Светиот Дух, кој подготвува за служење на Христос во Неговиот народ.

На крајот, папата Лав XIV ги поттикна семинаристите да Му дозволат на Господ да ги преобразува во едноставноста на секој ден. Им заблагодари за нивната великодушност и ги охрабри да останат со увереност дека не одат сами, бидејќи Христос оди пред нив, Пресвета Богородица ги придружува, а целата Црква ги поддржува со молитва.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот