Папата жали за трагедијата на мигрантите во Мелила и Тексас

Папата жали за трагедијата на мигрантите во Мелила и Тексас

Папата Фрањо на Твитер изрази сочувство за двете неодамнешни трагедии што ги погодија мигрантите во Мелила и САД, а упати и молитви за жртвите. Папата го повикува Господ да ни ги отвори срцата и такви несреќи никогаш повеќе да не се повторат.

Последниве денови вестите во прв план ја ставаат реалноста за миграцијата, а посебно двата драматични настани кои бараат одговори од меѓународната заедница. Папата Фрањо во Твитер пораката на 28 јуни 2022 година напиша:

Со тага ја примив веста за трагедиите на мигрантите во Тексас и Мелила. Заедно се молиме за тие наши браќа кои починаа, стремејќи се кон надежта за подобар живот; а за нас, Господ да ни ги отвори срцата и такви несреќи никогаш повеќе да не се повторат – напиша Папата во Твитер пораката.

COMECE: Да се разјасни и почитува човечкото достоинство

Трагедијата во Мелила, на границата меѓу Мароко и Шпанија, дефинирана како вистински масакр, се случи минатиот петок; поради создадената гужва во обидот на околу 1.500 африкански мигранти да влезат во таа шпанска енклава, најмалку 23 лица ги загубија животите згмечени. Бруталната реакција на полициските сили во Рабат предизвика контроверзи и протести на алжирската влада против Мароко, обвинувајќи ја дека извршува полициска улога во заштитата на границите на Европската унија. Советот на бискупските конференции на Европската унија (COMECE) ја осудува прекумерната употреба на сила, а во соопштението за јавност бара независна истрага и повторно ја истакнува потребата за соодветен однос кон правата на миграните и бегалците, со идентификација на легитимните баратели на азил.

Реакции на шпанските бискупи

Силна реакција стигна и од бискупите на Поткомитетот за миграција и човечка мобилност на Шпанската бискупска конференција, кои бараат да се преземат „хуманизациски чекори“ за решавање на оваа нова криза. Епископите ја изразија својата тага поради загубените човечки животи и ги повикаа властите да разјаснат што се случило и да преземат соодветни мерки за да не се повторат слични настани.

Масакрот на мигрантите во Тексас

Камион кој стана мртовечки сандак за 46 мигранти напуштени на околу 240 километри од границата со Мексико, заедно со шеснаесет преживеани, е грозоморен опис на она што се случи во градот Сан Антонио во Тексас. Сите биле товарени во возилото на температура од околу 40 степени. Истрагата е во тек и му е доверена на Одделот за домашна безбедност на таа американска држава. Уапсени се три лица, но се уште не е познато колку тие биле инволвирани во таа трагедија, која се смета за најлоша меѓу трагедиите што ги направиле трговците со луѓе на територијата на САД.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот