Папата: Евангелието за сите народи е најсилниот квасец на братството, слободата, правдата и мирот
Папата Фрањо во катехезата која ја одржа за време на Генералната аудиенција на 11 септември 2019 година на плоштадот Свети Петар се осврна на своето патување во Мозамбик, Мадагаскар и Маврициус.
Евангелието за сите народи е најсилниот квасец на братството, слободата, правдата и мирот. Како сеач на надеж, мир и помирување се обидов да го донесам тој Исусов квасец на народите во Мозамбик, Мадагаскар и Маврициус – рече папата Фрањо, за време на Генералната аудиенција која се одржа на плоштадот Свети Петар на 11 септември. Папата ја протолкува смислата на таа посета која ја направи токму како поклоник на мирот и надежта. Во неговите зборови повторно се враќаат насмевките, лицата, сеќавањата на сликите и молитвите кои толку силно ја обележале неговата посета.
На почетокот Папата се осврна на посетата на Мозамбик – првата етапа од неговото патување, како земја која многу трпела заради долгиот вооружен конфликт во недамнешното минато. Црквата продолжува да го следи патот на мирот, на кој е направен чекор напред во август, со новиот договор меѓу заинтересираните страни, после тој од 1992 година. Папата се заблагодари на Заедницата Свети Егидиј која многу работеше на тој процес.
Пролетта Мозамбик исто така беше искушан од поминувањето на циклонот Идаи и Кенент. Светиот Отец ги поттикна државните власти да работат за општото добро, да градат надминувајќи ја безволноста, рамнодушноста и вознемиреноста и да шират општествено пријателство. Младите ги поттикна на меѓурелигиски средби. Во Мапату, на 5 септември папата Фрањо ги потсети епископите, свештениците и монасите и монахињите на патот на великодушното „Да“ на Марија од Назарет. Знак на тоа евангелско присуство е болницата во Зимпето која ја посети.
Во таа болница видов дека болните се најважни, дека сите работат за нив – рече Папата и истакна: Но не припаѓаат сите на иста вера. Директорката на таа болница која ја изгради Заедницата Свети Егидиј е жена, муслиманка и истражувач на болеста ХИВ/СИДА. Сепак сите работат заедно за народот, обединети како браќа. Врвот на посетата во Мозамбик, беше светата Литургија која ја служеше на голем стадион. Светиот Отец се присети на песните, игрите и радоста и покрај дождот. Таму силно одекна Исусовиот повик да ги љубиме своите непријатели, што е семе на вистинската револуција на љубовта – истакна папата Фрањо.
Потоа се осврна на Мадагаскар, земја богата со природни убавини ,но обележана со големо сиромаштво. Од тој аспект Папата потсети дека го поттикнал малгашкиот народ да гради иднина на развој, поврзувајќи ја почитта кон животната средина и социјалната правда. Посебно на срцето му останала посетата на градот Акамасо кој го основа отец Педро Опека и во кој живеат 25.000 луѓе од кои повеќе од 60% се деца помлади од 15 години.
Како пророчки знак во таа насока го посетив „Градот на пријателството“ – Акамасо каде се настојува да се обедини работата, достоинството, грижата за сиромашните и образованието на децата – рече Светиот Отец и напомена: Сѐ е вдахновено од Евангелието. Во Акамасо близу до каменоломот за гранит, Го молев Бог за работниците. Потоа се сретнав со контемплативните монахињи од различни конгрегации во манастирот на кармелитјанките. Имено, без вера и молитва не може да се изгради град достоен за човекот.
Таму папата Фрањо сакал да биде сеач на мирот и надежта, ја обнови својата ангажираност заедно со епископите, чествувајќи го исто така блажен Виктор Расоаманариво. Се присети и на многу млади кои учествуваа во молитвеното бдение во предградието на Антананариво каде пак утрото служеше света Литургија на која присуствуваа милион луѓе.
Папата истакна дека го избрал познатиот туристички остров Маврициус како место на интеграција на различни етнички и културни групи, а која е плод на доаѓањето на остовот на население од повеќе земји, посебно од Индија. Како што за островот е важен силниот економски развој исто така е важен и меѓурелигискиот дијалог и пријателството меѓу различните верски конфесии. Во знак на пријателство големиот имам на Папата му испрати прекрасен букет цвеќе. Тоа е нешто што може да ни изгледа чудно, но за нив кој на тој начин го живеат пријателството, не е – рече Папата и се присети на светата Литургија во Порт Луис.
Евангелието за блаженста е лична карта на Христовите ученици и во тој контекст противотров за искушенијата за себична и дискриминирачка благосостојба. Евангелието е квасецот на вистинската среќа која е исполнета со милосрдие, правда и мир. Посебно бев трогнат од она што епископите го прават за евангелизација на сиромашните – рече Светиот Отец и заврши: Вчера по враќањето отидов во базиликата Света Марија Велика како што секогаш правам и на почетокот на патувањето, за да ја молам да ме придружува на патот како Мајка и да ми каже што можам да правам, да ги чува моите зборови и моите гестови. Со Пресвета Богородица сум сигурен.
Ватикан њуз/к.мк