Папата Лав XIV упати порака, потпишана од ватиканскиот Државен секретар, кардинал Пјетро Паролин, упатена до генералната секретарка на синдикатот CISL, Даниела Фумарола, по повод отворањето на XX Национален конгрес, кој се одржа во среда 16 јули 2025 година во Рим. Заедничката цел е „похуман поредок на општествените односи“, со што ќе се придонесе кон „спокојството на редот“, толку важно за свети Августин.
Потребно е да се „промовира похуман поредок на општествените односи, како и мирни и праведни општества, кои ќе бидат во служба на целосниот човечки развој и на доброто на човечкото семејство“. Со оваа мисла, Светиот Отец Лав XIV, преку пораката што ја потпиша кардинал Паролин, се обрати до учесниците на XX Национален конгрес на италијанскиот синдикат CISL, кој започна денес во римската населба ЕУР, под мотото: „Храброста на учеството“.
Во пораката, упатена до генералната секретарка Фумарола, Папата ги упатува своите „срдечни мисли“ до организаторите, говорниците и сите присутни, изразувајќи „голема благодарност за настанот кој претставува значајна пресвртница во синдикалната мисија“, надевајќи се дека „оваа важна средба ќе поттикне обновена посветеност за подигање на свеста за општествена одговорност кај сите“.
Светиот Отец ги повикува делегатите „да не ја изгубат од вид заедничката цел – да придонесуваат кон остварување на tranquillitas ordinis, т.е. спокојството на редот – израз што го вовел свети Августин во своето дело De Civitate Dei (За Божјиот Град)“.
Порака од претседателот Матарела
Генералната секретарка Фумарола доби и порака од претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела. „Слободата и демократијата – како во Италија, така и во Европа – се темелат врз учеството на работниците“, истакнува претседателот. Тој ја поздрави одлуката на CISL што за тема ја одбрале темата за Конгресот „Храброста на учеството“, нарекувајќи ја „позитивен знак“ и „вреден придонес кон општествената и политичката дебата“.
Во својата порака, Матарела ја потсети историската улога на синдикатот во оформувањето на европскиот социјален модел, кој е „мерка за правата на сите работници во светот“. Тој подвлече дека „вистинското право на труд и достоинствени примања, неопходни за слободен и достоен живот“, претставуваат двигатели на напредокот и на културната цивилизација.
Ватикан њуз/к.мк