Папата до Чилеанците: Ако сакаш мир, работи за правдата

Папата до Чилеанците: Ако сакаш мир, работи за правдата

„Кога го виде народот.“ Во тие први зборови од денешното Евангелие го среќаваме Исусовиот став со кој сака да нè сретне, истото однесување со кое Бог секогаш знаел да го изненади својот народ – рече папата Фрањо во проповедта во текот на светата Литургија во паркот О’Хигинс во Сантијаго.

„Кога го виде народот.“ Во тие први зборови од денешното Евангелие го среќаваме Исусовиот став со кој сака да нè сретне, истото однесување со кое Бог секогаш знаел да го изненади својот народ – рече папата Фрањо во проповедта во текот на светата Литургија во паркот О’Хигинс во Сантијаго, на првиот ден од својата пастирска посета на Чиле. Првото Исусово однесување е да види, да ги гледа лицата на своите – истакна Папата. Тие лица ја покренуваат длабоката Божја љубов. Исус не го покренале идеи и поими, туку лица и луѓе; животот е тој кој плаче за животот кој Отецот сака да ни го пренесе.

Кога го виде народот, Исус ги среќава лицата на луѓето кои го следеле, а најубавата работа е да видиш дека луѓето во Исусовиот поглед го среќаваат одекот на своите барања и очекувања – рече Папата и додаде: Од таа средба се раѓаат серијата блаженства кои се хоризонтот кон кој сме повикани да одиме. Блаженствата не се раѓаат од пасивното однесување пред реалноста, а уште помалку можат да се родат само од набљудувачот кој станува тажен статистичар кој само го бележи тоа што се случува. Не се раѓаат од несреќните пророци кои се задоволуваат со сеење на разочарувања. Дури ниту од илузијата која ни ветува среќа со еден „клик“, „додека трепнеш“. Напротив – рече Светиот Отец – блаженствата се раѓаат од Исусовото милосрдно срце кое се среќава со срцата на луѓето кои сакаат и копнеат за живот на блаженствата; луѓе кои го познаваат страдањето, кои знаат што е загубеност и болката која се раѓа кога се „тресе земјата под нозете“ или кога „соништата паѓаат во вода“ и кога работата од целиот живот е загубена; но кои уште повеќе знаат дека треба да се биде упорен и да се оди понатаму, и уште повеќе знаат да обновуваат и да започнат од почеток.

Чилеанското срце е експерт за обнова и нов почеток! Вие сте експерти за обнова после толку рушења! – рече папата Фрањо и истакна: Тоа срце на Исус му упатува апел; за тоа срце се блаженствата! Блаженствата не се раѓаат од однесување кое прибегнува кон безначајна критика, или од ефтините приказни на оние кои мислат дека сè знаат, но не сакаат да се ангажираат за ништо и со никој и така завршуваат затворајќи ја секоја можност за раѓањето на процесот на преобразба и обнова во нашите заедници и животи. Блаженствата се раѓаат од милосрдното срце кое никогаш не губи надеж. Тоа искусува дека надеж е новиот ден, искоренувањето на неподвижноста, будењето од опуштеноста.

Велејќи дека блажени се сиромашните, оние кои плачат, кои се ожалостени, кои страдаат, оние кои простуваат – рече Папата – Исус ја искоренува неподвижноста и закоченоста на оние кои мислат дека работите не можат да се променат, оние кои престанале да веруваат во преобразувачката моќ на Бог Отецот и во своите браќа, посебно во своите најслаби браќа, во своите отфрлени браќа. Прогласувајќи ги блаженствата Исус ја отфрла негативната резигнација која нè уверува дека може подобро да се живее ако ги избегнуваме проблемите, ако бегаме од другите, ако се сокриваме или затвораме во своите удобности, ако се успиваме во консумизмот кој смирува. Таа резигнација нè одалечува од сите, нè дели и одделува и нè прави слепи пред животот и страдањето на другите.

Блаженствата се нов ден за сите оние кои и понатаму вложуваат во иднината, кои и понатаму сонуваат, кои и понатаму дозволуваат да ги допира и турка Духот Божји – рече Светиот Отец и продолжи: Колку е убаво да мислиме дека Исус од Cerro Renca или од Puntille доаѓа и ни зборува: „Блажени сте вие кои дозволувате да ве зарази Светиот Дух, кои се борите и работите за новиот ден, за ново Чиле, затоа што ваше ќе биде Царството Божјо. „Блажени се миротворците затоа што тие ќе се наречат синови Божји.“

Соочени со резигнацијата која ги загрозува нашите витални врски и нè разделува, Исус вели: Блажени се оние кои се ангажираат за помирување – рече папата Фрањо и додаде: Среќни се оние кои се способни да ги извалкаат рацете за другите да живеат во мир. Среќни се оние кои настојуваат да не сеат поделби. На тој начин блаженството нè прави творци на мирот, нè повикува да се ангажираме за духот на помирувањето да добие простор меѓу нас. Сакате ли радост? Сакате ли среќа? Среќни се оние кои работата за другите да имаат радосен живот. Сакате ли мир? Работете за мирот.

Не можам да не потсетам – рече потоа Папата – на зборовите на големиот пастир кој го имаше Сантијаго и кој во текот на еден Te Deum рече: „Ако сакаш мир, работи за правдата.“ А ако некој нас нè праша што е правда или ако случајно мисли дека таа само се состои во тоа да не се краде, ќе му кажеме дека постои друга правда: таа која бара секој човек да биде третиран како човек – рече папата Фрањо наведувајќи ги зборовите на кардиналот – од неговата проповед во текот на Te Deum во 1977 година.

Да сееш мир, да имаш сила да излезеш и да ги набљудуваш лицата на оние кои се во тешкотија, на оние кои не биле третирани како луѓе и чие достоинство не е почитувано – рече Светиот Отец – тој е единствениот начин на кој можеме да ткаеме мирна иднина. Миротворецот знае дека многу пати треба да ги победи големите амбиции кои произлегуваат од желбата да се создаде име, да се добие престиж на сметка на другите. Миротворецот знае дека не е доволно да кажеш: нема никој да повредам, добро е да не правиш зло, но многу е лошо да не правиш добро.

Градењето на мирот е процес кој нè обединува и поттикнува да бидеме креативни и да ги оживееме односите за да не видиме во ближниот странец и непознат, туку син на ова земја – рече папата Фрањо на крајот од својата проповед и заврши: Да се довериме на Безгрешната Девица која го чува и следи овој град. Нека ни помогне да живееме и да го сакаме духот на блаженствата за на секој дел во Сантијаго да можеме да слушнеме; Блажени се миротворците тие ќе се наречат синови Божји.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот