Папата до Црквите во Африка: Бидете знаци на надеж и единство

Папата до Црквите во Африка: Бидете знаци на надеж и единство

Папата Лав XIV ги повика црквите во Африка да донесат надеж и единство, особено таму каде што општеството е обележано со поделби и поларизација.

Папата Лав XIV упати порака до учесниците на 20. Генерално собрание на Симпозиумот на епископските конференции на Африка и Мадагаскар (SECAM), кое се одржува во главниот град на Руанда, Кигали, од 28 јули до 4 август 2025 година. Во пораката, потпишана од државниот секретар кардинал Пјетро Паролин и упатена до кардиналот Фридолин Амбонго Бесунго, надбискуп од Киншаса и претседател на SECAM, Светиот Отец ги повикува црквите во Африка да бидат „видливи знаци на надеж“ и да „промовираат единство“, особено таму каде што општеството е поделено и поларизирано. Форумот се одржува под мотото: „Христос е извор на надеж, помирување и мир“.

Папата изразува надеж дека средбата ќе биде „моќно искуство на Божјата љубов“, способно да разбуди во срцата на учесниците „цврста надеж во спасението што го нуди Христос“. Тој ги повикува епископите и свештениците да работат за единство, за да можат локалните цркви сè повеќе да стануваат конкретни знаци на надеж за сите луѓе.

На крајот, Лав XIV ги доверува сите идни проекти на Црквата во Африка на грижата на Пресвета Дева Марија, Мајка на надежта.

На Собранието присуствуваат над 200 делегати, меѓу кои 13 кардинали, 85 бискупи, 72 свештеници и монаси, како и десетици лаици, мажи и жени. На форумот учествуваше и кардиналот Мајкл Черни, префект на Дикастеријата за промоција на интегрален човечки развој. Состанокот го отвори кардиналот Амбонго, кој упати силен апел за прекин на насилството, прогонот и вооружените конфликти што сè уште го разоруваат светот и африканскиот континент.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот