Папата до ФАДИКА: Грижата за најранливите е пројава на Божјата љубов

Папата до ФАДИКА: Грижата за најранливите е пројава на Божјата љубов

По повод 50-годишнината од основањето на ФАДИКА – Католичката мрежа за филантропија, папата Лав XIV ја охрабри организацијата да ја продолжи својата „достојна мисија“ на помош за оние на кои им е најпотребно.

Папата Лав XIV испрати порака до ФАДИКА (Foundations and Donors Interested in Catholic Activities) – Католичката мрежа за филантропија, по повод 50-годишнината од нејзиното основање.

Папата изрази благодарност за нивната дарежлива поддршка на повеќе ватикански дикастерии и на католички иницијативи во Соединетите Американски Држави и ширум светот.

Во пораката упатена до претседателката и главна извршна директорка на ФАДИКА, Алексија Кели, папата Лав истакна дека нивното јубилејно собирање се одржува во Великиот пост, „време кога, покрај молитвата и постот, Црквата ги повикува сите католици со поголем жар да ги практикуваат делата на милосрдието“.

Потсетувајќи дека Исус нè учи да распознаеме како да му помогнеме на ближниот, Светиот Отец ги повика сите да се угледаат на Добриот Самарјанин.

Тој потсети и на тоа дека папата Фрањо често нагласувал како оваа парабола го открива „Божјиот стил на близина, сочувство и нежна љубов“.

Помагајќи им на оние што не можат да ни возвратат, истакна папата Лав, ние стануваме Божји орудија, „зашто секој чин на љубов кон ближниот, на некој начин, е одраз на божествената љубов“ (Dilexi te, 26).

Во таа смисла, делото на ФАДИКА да поддржува „програми што ја промовираат социјалната правда, го зајакнуваат католичкото образование, го бранат човечкото достоинство и се грижат за најранливите“ е „вистинска пројава на божествената љубов“.

Папата изрази надеж дека нивната работа ќе ги поттикне и другите да го пронајдат Исус во служењето на браќата и сестрите во потреба.

Затоа, тој ја охрабри ФАДИКА да ја продолжи својата „достојна мисија“ со доверба дека Бог „нема да дозволи да биде надминат во дарежливоста кон оние што му служат на народот кој има најголема потреба“ (Dilexi te, 45).

На крајот од пораката, Светиот Отец ја довери организацијата на „застапништвото на Пресвета Богородица“ и им го подели својот Апостолски благослов „како залог на мир и радост во Господа“.

ФАДИКА е мрежа на фондации и дарители кои поддржуваат католички активности и иницијативи, обединети преку заеднички вредности.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот