Новиот постојан набљудувач на Светиот Престол во ОН: Говорот на омраза не е слобода на изразување
Ватикан њуз/к.мк
Надбискупот Кристоф Закија Ел-Касис го одржа своето прво обраќање како нов постојан набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации во Њујорк, истакнувајќи ја потребата од спротивставување на говорот на омраза, кој „го труе јавниот дискурс, ги разгорува поделбите и премногу често го подготвува теренот за насилство и прогон“.
Ватикански вести
Новиот постојан набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации, надбискупот Кристоф Закија Ел-Касис, на 16 септември му ги предаде акредитивните писма на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Еден ден подоцна, на 17 септември, надбискупот го одржа своето прво обраќање на Глобалната конференција за промовирање на меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог и толеранцијата во борбата против говорот на омраза, одржана во Њујорк.
Во своето обраќање тој го повтори ставот на Светиот Престол дека секој човек е создаден според Божјиот лик и подобие и поседува неотуѓиво достоинство кое не може да биде намалено со никаков говор или идеологија на омраза.
„Од оваа темелна вистина произлегува моралниот императив да се отфрли секоја форма на нетолеранција, дискриминација и говор на омраза што го повредува човечкото семејство и ги поткопува условите за мирен соживот“, нагласи надбискупот.
Секој говор на омраза, насочен против поединци или заедници поради нивната религија, раса, националност или друга карактеристика, е спротивен на заповедта за љубов кон ближниот.
Освен тоа, рече Ел-Касис, говорот на омраза „го труе јавниот дискурс, ги разгорува поделбите и премногу често го подготвува теренот за насилство и прогон“.
Надбискупот се осврна и на зборовите на папата Лав XIV од енцикликата Magnifica humanitas: „Првиот придонес што можеме да го дадеме за похумана цивилизација е да внимаваме на нашите зборови.“
Зборовите имаат огромна моќ, нагласи тој. Првиот чекор кон создавање на „ткивото на општествениот мир и поттикнување култура на дијалог, толеранција и почитување на различностите“ се прави кога ги разоружуваме нашите зборови.
Сепак, новиот постојан набљудувач предупреди дека само зборовите не се доволни за градење мир.
Вистинската толеранција не значи рамнодушност или релативизам. Напротив, таа подразбира активно признавање на достоинството на секој човек и на неговата слобода на совеста. Трпението во дијалогот, меѓусебното разбирање и отфрлањето на стереотипите се суштински за вистинската толеранција.
„Во тој дух, Светиот Престол го промовира меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог како суштински пат за надминување на предрасудите и за градење подобар свет за сите“, објасни надбискупот Ел-Касис.
Основно право
„Слободата на изразување е основно право кое мора да се заштитува“, нагласи надбискупот. Но, додаде тој, оваа слобода носи и одговорност.
Говорот што намерно поттикнува насилство или омраза не може да се повикува на заштитата на слободата. Напротив, таквиот говор „ги поткопува самите услови во кои вистинската слобода може да процвета“.
Повикувајќи се повторно на енцикликата на папата Лав XIV, надбискупот рече дека комуникацијата треба да се ослободи од предрасуди, огорченост, фанатизам и омраза.
„Не ни е потребна гласна и насилна комуникација, туку комуникација способна да слуша и да ги прифати гласовите на слабите и на оние што немаат глас. Да ги разоружаме зборовите и ќе помогнеме да се разоружа светот.“
Разоружаната и разоружувачка комуникација, додаде тој, овозможува поинаков поглед кон светот и начин на дејствување што е во согласност со човечкото достоинство.
За надбискупот Ел-Касис
Надбискупот Кристоф Закија Ел-Касис е роден на 24 август 1968 година во Бејрут, Либан.
За свештеник на Маронитската архиепархија во Бејрут бил ракоположен на 21 мај 1994 година. Шест години подоцна стапил во дипломатската служба на Светиот Престол и служел во папските претставништва во Индонезија, Судан и Турција.
Во 2018 година бил назначен за апостолски нунциј во Пакистан, а на 19 јануари 2019 година го примил епископското ракополагање од кардиналот Пјетро Паролин во базиликата „Свети Петар“.
На 25 јули 2026 година, папата Лав XIV го назначи надбискупот Ел-Касис за постојан набљудувач на Светиот Престол при Обединетите нации во Њујорк.
