Папата Фрањо на 16 октомври 2024 година испрати видео порака до студентите и професорите на Папскиот богословски факултет во Сицилија „Свети Иван Евангелист“ по повод отворањето на новата 43-та учебна година.
Во пораката Светиот Отец ја нагласува посебната улога на италијанскиот универзитет во развојот на теологијата, имајќи ги предвид културните и религиозните карактеристики на Медитеранот, како и важноста на дијалогот меѓу академската средина и Источните цркви, со јудаизмот и исламот. „Како место за средба на многу култури и религии, медитеранскиот регион поставува специфични предизвици на своите теолози, како што се одбраната на човечкото достоинство, борбата против организираниот криминал и мафијата и промовирањето на социјалната правда“, рече Папата.
Во видео пораката Светиот Отец посветува внимание на културниот и социјалниот придонес на народната побожност, религиозност и литература, кои помагаат да се зачува уникатниот идентитет на регионот.
Папата ги повикува теолозите да ја истражат темата на простувањето како клуч за помирување и социјална правда, особено во контекст на борбата против криминалот, длабоко вкоренет во историјата на италијанскиот остров.
Тој забележува дека метафората на рибарски мрежи кои го симболизираат спасението треба да стане централна слика за медитеранските теолошки студии. Овие мрежи се исткаени од љубовта и милоста Христова, што ќе ја направи теологијата не само наука, туку и жива пракса на спасението вкоренета во жртвата на крстот.
„Од висините на Крстот, теологот е повикан да ги погледне човечките стварности со очите на Оној кој слезе како најмал меѓу луѓето, напуштајќи ги своите божествени прерогативи, станувајќи слуга.
Задачата на сицилијанските теолози е да се приклонат со сочувство кон своите ближни, да бидат ткајачи на „мрежите на спасението и љубовта“ кои одговараат на предизвиците на времето, да придонесат за длабоки промени во општеството и да ги обединат луѓето во потрагата по вистината и верата.
Светиот Отец потсетува дека теологијата бара не само знаење, туку и несебична заштита на правата и слободите на луѓето, подготвеност да се следи примерот на оние кои ги дадоа своите животи за вистината и верата, како отец Пино Пуглиси, судијата Џовани Фалконе и други „живи амвони на правдата“.
На крајот од видео пораката, Папата ја истакна потребата од понатамошен развој на дијалогот меѓу христијанските деноминации и другите религии, гледајќи го тоа како гаранција за мир и правда. Факултетот е задолжен да стане центар на научна комуникација и да продолжи теолошкото истражување „од висината на крстот и на колена пред нашите ближни“ за да создаде „нова историја вкоренета во историјата на луѓето“.
Ватикан њуз/к.мк