Папата Фрањо објави видео порака упатена до членовите на здружението „Fratello“, кои овие денови се собраа во Лурд по повод III. Светски ден на сиромашните.
Браќа и сестри, потребни ни сте, секој од нас. Бидете свесни дека Бог ве сака и посебно ја слуша вашата молитва – рече папата Фрањо во видео пораката упатена до членовите на француското здружение „Fratello“, кое го сочинуваат лаици активни во Црквата, изворно вклучени во големото ходочастие на неколку илјада бездомници во Рим одржано во 2014 и 2016 година. Овие денови членовите на тоа здружение се наоѓаат во Лурд по повод III. Светски ден на сиромашните.
Светот страда и Господ е трогнат од вашата молитва – истакна Светиот Отец и додаде, вие кои сте мали, сиромашни, ранливи, вие сте богатството на Црквата. Во срцето на Папата сте, во Богородичното и во Божјото срце. Секој пат кога вашиот живот е газен, злоупотребуван и навредуван, всушност Исус е Тој Кој е газен, злоупотреуван и навредуван.
Папата денес сака да ве утеши, да ви каже дека ве сака и ве повикува да се вратите на изворот. Да се молите. Така во себе ќе ја примите Марија. Приклонете се кон неа, Таа ја претставува ширум отворената врата на Црквата. Таа во полнота го примила Светиот Дух. Таа ни го дава Исус и нѐ води кај Него – рече папата Фрањо.
Сакате да бидете христијани? – праша Светиот Отец и поттикна: Побарајте крштение. Ве повикувам на посебен начин да ја откриете исповедта светата Тајна на простувањето во која Бог ни ја покажува својата нежност и нѐ ослободува. Живејте ја Евхаристијата за да Го прифатите самиот Бог во своето тело и во својата душа. Тој ви дава вера и радост. Живејте ја исто така светата Тајна Елеопомазание на болните, толку скапоцена за оние меѓу вас кои носат телесни или душевни рани.
На крајот кога ќе се враќате не си заминувајте какви што сте дошле. Вратете се со надеж, бидете сведоци на Божјата љубов која ве опкружува. Кажете му на светот што е вашето богатство. Исус. Одете со Марија за да направи од вас апостоли на Божјата нежност. Папата ве сака и има доверба во вас – порача на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк