Во својата порака до учесниците на Меѓународната средба со свештеници, папата Лав XIV ја нагласи важноста на братскиот аспект од свештеничкото образование и живот, потсетувајќи ги свештениците дека никогаш не се сами.
Како дел од Јубилејот на свештениците, кој се одржува од 25 до 27 јуни, папата Лав XIV одржа аудиенција со свештеници, семинаристи и нивните воспитувачи во аудиториумот „Кончилијазионе“ во Рим, на меѓународна средба со наслов: „Радосни свештеници – ве нареков пријатели“.
Братско искуство
Околу 1.700 учесници се собраа во аудиториумот за да ги слушнат воведните зборови на кардиналот Лазаро Ју Хеунг-сик, префект на Дикастеријата за свештенство.
Кардиналот истакна дека оваа средба не е само „едноставна конференција или формациска сесија“, туку пред сè „вистинско црковно, синодално и братско искуство“.
Тој нагласи дека целта е враќање кон суштината на свештеничкиот живот: да се биде пријател на Исус. Според него, да се биде среќен свештеник не е само слоган, туку „реална, остварлива можност што треба секојдневно да се живее“.
Три карактеристики на свештенството
Во својата порака до присутните, папата Лав ги потврди зборовите на префектот. Истакна дека зборовите на Исус: „Ве нареков пријатели“ не се само поетски израз, туку вистински клуч за разбирање на свештеничката служба.
Размислувајќи за ова, Папата понуди три карактеристики за свештеничката формација. Прво: формацијата е пред сè однос – однос со Бог, Црквата и ближните. Затоа, рече тој, образованието не треба да се сведе само на стекнување знаење и вештини, туку да биде насочено кон раст во личниот однос со Бог.
Втората карактеристика е дека братството е суштински дел од свештеничкиот живот. Папата ги повика свештениците и семинаристите да живеат како браќа, а не како ривали или изолирани единки. Го постави прашањето: „Како можеме ние, како служители, да градиме живи заедници ако меѓу нас нема вистинско и искрено братство?“
Трето, формацијата на свештеници, рече тој, значи воспитување луѓе способни да љубат, да слушаат, да се молат и да служат заедно. Затоа, подготовката на свештеници треба да се одвива во заедница, а не изолирано – како што потсетува и самата природа на семинаријата.
„Не плаши се“
Осврнувајќи се на кризата на звањата и предизвиците во свештеничкото послание, Папата истакна дека и покрај сè, Бог продолжува да повикува мажи кои верно ја живеат својата служба.
Ги охрабри свештениците да не се плашат да понудат храбри и ослободувачки поттици што ќе ги вдахнат младите да го слушнат Божјиот повик.
Средбата се одржа во пресрет на празникот Пресветото Срце Исусово, а Папата ја искористи можноста да потсети на енцикликата на папата Фрањо Dilexit nos, која го нагласува Божјиот повик до секој човек.
Тој ги повика свештениците повторно да го откријат ентузијазмот за посланието, бидејќи „кога некој навистина верува, тоа се гледа – радоста на свештеникот е одраз на неговата средба со Христос“.
„Еден за сите“
Пред крајот на средбата, еден свештеник побара од Папата прегратка, пред да му го подари своето зукето. Папата Лав рече дека таа прегратка е за сите присутни.
Повторно ја истакна важноста на духовниот живот на свештеникот и рече: „Никој овде не е сам“, бидејќи во животот ќе има моменти кога ќе биде неопходен добар придружник, духовен водител или исповедник.
Дури и во најоддалечените мисионерски полиња, никој не е оставен сам. Папата ги повика воспитувачите, свештениците и семинаристите да ја живеат близината – вредност што постојано ја истакнуваше и папата Фрањо.
„Секогаш сметајте на Божјата милост и на мојата духовна близина“, заврши папата Лав. „Заедно, навистина можеме да бидеме глас на надеж во светот.“
Ватика њуз/к.мк