Папата до римските свештеници: Обновете ја верата, итно е да се навестуваат Христовите ветувања

Папата до римските свештеници: Обновете ја верата, итно е да се навестуваат Христовите ветувања

Папата Лав XIV ги повика свештениците од Римската диоцеза повторно да го разгорат дарот на верата, да го навестуваат Евангелието, да бидат блиску до семејствата и младите и да се поддржуваат меѓусебно во свештеничкото братство, особено младите свештеници кои понекогаш се чувствуваат преоптоварени.

Папата Лав XIV ги прими свештениците од Римската диоцеза во Ватикан во четврток 19 февруари 2026 година и ги поттикна повторно да го разгорат огнот што најпрво го запали Бог, кога им го даде дарот да соработуваат во Неговото дело.

Светиот Отец изрази „голема радост“ што се среќава со нив и се пошегува дека, иако Великиот пост штотуку започнал, оваа аудиенција „не е чин на покајание“.

Во своето обраќање, Папата ги посочи предизвиците и приоритетите за свештениците, повикувајќи ги да дозволат верата да ги носи.

Повторно разгорете го Божјиот дар

Светиот Отец ги повика да не се гледаат себеси како „пасивни извршители на веќе определен пасторален план“, туку да ја развиваат креативноста во соработката со Божјото дело.

„Римската Црква,“ рече папата Лав, „да не заборава да го разгори Божјиот дар.“

Често притиснати „од брзите културни промени и од околностите во кои се одвива нашата мисија, понекогаш оптоварени од умор и тежината на рутината, или обесхрабрени од растечката рамнодушност кон верата и религиозната пракса“, призна Папата, „чувствуваме потреба овој оган да се храни и повторно да се разгорува.“

Тој го поттикна свештенството да работи во заедништво. „Не можеме да мислиме и да дејствуваме изолирано,“ рече Папата, забележувајќи како животот на луѓето и парохискиот живот драматично се промениле со текот на годините.

„Итно е,“ нагласи тој, „да се вратиме на навестувањето на Евангелието. Тоа е приоритет“, повикувајќи на „патишта и начини што ќе им помогнат на луѓето повторно да дојдат во допир со ветувањето на Исус“.

Пренесувајте ја верата без обесхрабрување

За поефикасно пренесување на верата, Светиот Отец ги охрабри свештениците да бараат други патишта што подобро ќе ги вклучат децата, младите и семејствата.

Препознавајќи ги тешкотиите во пасторалната работа со младите, кај кои често елементите на верата се испреплетуваат со културни и општествени фактори, Папата рече: „Неопходно е да се сфати и да се протолкува длабоката егзистенцијална непријатност што живее во нив, нивната збунетост, нивните многубројни тешкотии.“

Во тој контекст, Папата рече дека парохиите се повикани на дијалог „со институциите присутни на теренот, со училиштата, со стручњаците од образованието и хуманите науки, и со сите кои се грижат за судбината и иднината на нашите млади“.

„Немаме лесни решенија што гарантираат моментални резултати,“ призна папата Лав, „но, колку што е можно, можеме да останеме внимателни кон младите, да бидеме присутни, да ги примаме и да споделиме дел од нивниот живот.“

И покрај уморот, продолжете

Светиот Отец им се обрати и на помладите свештеници, признавајќи дека тие „често одблизу ги доживуваат и можностите и товарите на својата генерација и на ова време“.

„Ве повикувам никогаш да не се затворате,“ рече тој. „Не плашете се да влезете во дијалог, и за вашиот умор и за вашите кризи, особено со браќата свештеници за кои сметате дека можат да ви помогнат.“

На крајот, папата Лав ги повика свештениците „конкретно да го живеат свештеничкото братство“, велејќи: „Да се придружуваме и да се поддржуваме едни со други.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот