Папата до посветените лица: Едноставни во синодалната динамика, лишувајќи се од амбициите

Папата до посветените лица: Едноставни во синодалната динамика, лишувајќи се од амбициите

Папата Фрањо ги прими учесниците на Генералните собранија на шест монашки конгрегации и ги охрабри да продолжат да го следат патот кој го зацртале нивните основачи, како и да продолжат со своите дела, дозволувајќи си прашања за тоа што го избрале и од што се откажале слушајќи го Бог.

Во месецот во кој, како и обично, сите аудиенции се одложени поради летните одмори, на 15 јули 2024 година, папата Фрањо сакаше да се сретне со шест монашки конгрегации. Во Апостолската палата ги прими учесниците на Генералните собранија на Редот на најмалите, Редот на малите редовни свештеници, Свештениците на свети Вијатор, Мисионерите на свети Антониј Марије Кларета, Сестрите на Утешителки на Пресветото Срце и Сестрите Августинки на божествената љубов и започнувајќи од својот говор, веднаш го праша секое монашко семејство за бројот на новите кандидати, бидејќи – како што рече – тоа значи да се праша за иднината на вашата заедница.

Потоа зборуваше за едноставноста во посветениот живот што се наоѓа – како што рече – во изборот на суштинското и откажувањето од излишното, што нивните основачи знаеле да го направат, секој од нив во различни околности, и дозволувајќи секој ден да ги обликува едноставноста на Божјата љубов ден која блеска во Евангелието.

Божјата љубов е едноставна, и неговата убавина е едноставна; тоа не е софистицирана убавина, не. Едноставна е. Затоа, додека се подготвувате за вашите средби, и вие молите се на Господа да бидете едноставни лично и едноставни во синодалната динамика на заедничкото одење, лишувајќи се од сè што не ви е потребно или што може да го попречи слушањето и слогата во вашите процеси на расудување; лишувајќи се од калкулации и амбиции.

Амбиција, завист

Во посветениот живот, амбицијата е како чума – предупреди и додаде Папата – а во животот во заедница зависта е грда, лоша работа, како што се претензиите, ригидноста и секој обид за самореференцијалност. Без нив, напротив, можно е заедно мудро да ја толкуваме сегашноста, да ги сфатиме знаците на времето и да ги донесеме најдобрите одлуки за иднината.

Духовното одење на оние кои се посветуваат на Бога

Размислувајќи за нивното различно потекло, помеѓу шеснаесеттиот и дваесеттиот век, папата Фрањо истакна дека оваа различност е жива слика на таинството на Црквата, во која на секој му се дава посебна манифестација на Светиот Дух за општото добро на сите. Тоа за посветените мажи и жени е духовно патување кое црковните отци го нарекоа љубов кон божествената убавина, која е зрачење на божествената добрина, како што напиша Иван Павле II во апостолскиот поттик Vita consecrata – ги потсети римскиот епископ. (…)

Убавината на посветениот живот

Во различни околности, времиња и места, животите на оние кои се посветуваат на Бога се животи на убавина, бидејќи во нив блеска благодатта на Божјото лице. На поттик на Светиот Дух, основачите на конгрегациите, монашките редови и моншките институти можеле да ги сфатат карактеристиките на таа убавина и знаеле како да одговорат на неа на различни начини, според потребите на нивното време, реализирајќи прекрасни дела на конкретна љубов, храброст, креативност и пророштво, трошејќи се во грижата за слабите, болните, старите и децата, во образованието на младите, во мисионерското навестување и општественото залагање. Тоа се дела кои треба да продолжат да се спроведуваат – истакна папата Фрањо и ги охрабри монасите и монахињите да продолжат да ја бараат и сеат Христовата убавина во конкретноста на историските настани, слушајќи ја Љубовта што ги трогна нивните основачи, дозволувајќи си прашања за начините на кои тие одговориле на таа Љубов, а со тоа и за она што избрале и од што можеби со тешкотии, се откажале.

Не ја занемарувајте молитвата

Монасите и монахињите ја прифаќаат сиромаштијата за да се испразнат од сè што не е Христова љубов и да дозволат да се исполнат со неговата убавина, додека таа не се прелее во светот каде што Бог ги испраќа, особено преку послушанието. Тоа е големо послание – истакна Светиот Отец, прецизирајќи дека преку „да“ на посветените лица, Бог дозволува да се покаже силата на неговата нежност, која ги надминува сите можности. На крајот, Папата им препорача на сите присутни да се молат и да одржуваат дијалог со Бога.

Не ја занемарувајте молитвата, молитвата од срце; не ги занемарувајте миговите пред табернакулот зборувајќи со Господа, зборувајќи со Господа и оставајќи Господ да ни зборува. Но, тоа треба да биде молитва од срце, не како папагал, не. Онаа што доаѓа од срцето и која ни овозможува да одиме напред по Господовиот пат.

Грижете се за образованието

На крајот, папата Фрањо поттикна на молитва за звања, за новите монаси да ги извршуваат харизмите на основачите и да се грижат за образованието на оние кои се подготвуваат целосно да му го предадат животот на Бога.

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот