Сега да работиме, според желбата на Господ, да изградиме иднина полна со помирување и братско заедништво. Ако денес тоа не се направи денес би било најголем грев – истакна папата Фрањо, обраќајки се на грчкиот православен патријарх Теофил III, кој го прими во понеделник 23 октомври 2017 година. Ова е возвратна посета на патријархот, откако папата Фрањо во базиликата на Светиот Гроб, во мај 2014 година, беше придружуван од патријархот Теофил и патријархот Вартоломеј.
Светиот Отец ја повтори својата искрена желба и обврска за продолжување на патот кон полно единство помеѓу Католичката црква и Православните цркви, бидејќи ако тоа не се прави – според зборовите на Папата – значи да не се слуша на големиот повик Христов. Изразувајќи ја својата близина кон сите кои страдаат поради судири, кои веќе со децении ја мачат Светата Земја, папата Фрањо истакна дека несигурната состојба и неразбирањето меѓу страните и понатаму предизвикуваат несигурност, ограничување на основните права и многумина се принудени да ја напуштаат сопствената земја. Поради тоа повикувам Бог на помош и барам од сите вклучени страни да ги зголемат своите напори како би се создале услови за стабилен мир, кој ќе се темели на праведност и признавање на правата на сите луѓе.
За постигнување на таа цел потребно е да се отфрлат сите врсти на насилство, дискриминација и искажување неподносливост кон евреите, христијаните и муслиманите, како и кон богослужбените места. Светиот Град, чиј што статус кво треба да се штити и зачува, треба да биде место на кое сите ќе можат да живеат во мир. Во спротивно за сите ќе започне бесконечна спирала на страдање – рече Папата.
Зборувајќи за членовите на различните христијански заедници во Светата Земја, Папата посака секогаш да бидат признати како составен дел од општеството и да го даваат својот допринос за општо добро и за изградба на мир. Тој нивен допринос ќе биде поуспешен ако биде остварен во согласност со различните Цркви на тоа подрачје – истакна Светиот Отец.
Посебно би била важна соработката при давањето поддршка на семејствата и младите христијани, за да не бидат принудени да ја напуштат сопствената земја – објасни Папата. Работејќи заеднички на тоа чувствително подрачје, верниците од различни вероисповеди ќе можат подобро да се запознаат и да создадат поголеми братски односи. Поради тоа, во послушност на Исусовата молитва во салата на Последната вечера: „да бидат едно … како светот би поверувал“ папата Фрањо изрази искрена желба и обврска за продолжување по патот кон полно заедништво меѓу двете Цркви.
Добро знам дека некои рани од минатото и понатаму оставаат белег во сеќавањето на многу луѓе – рече Папата. Не е возможно да се промени историјата, но и да не се заборават и големите недостатоци од љубов низ вековите, затоа да го упатиме заедно погледот кон иднина на потполно помирување и братско заедништво и сега да работиме според Господовата желба. Ако тоа не го направиме тоа би било најголем грев; тоа би значело да не се послуша силниот Христов повик и знаците на времето кои Духот ги сее по патот на Црквата – истакна Папата.
Да не дозволиме сеќавањето на времињата одбележани со взаемно молчење или меѓусебно оптужување, тешкотиите на сегашноста и несигурноста за иднината, да го попречат нашето заедничко чекорење кон единство, заедничка молитва и навестување на Евангелието и во служење на оние во потреба – поттикна Светиот Отец.
На крајот пред да измолат заеднички „Оче наш“ Папата повторно ја искажа својата близина со христијаните во Светата Земја, како и наклонетоста кон другите големи религии присутни на тоа подрачје, надевајќи се и молејќи наскоро да настапи денот на постојан и траен мир – рече Папата.
РВ/к.м