Папата до паросите: Бидете близу до народот и слушајте го

Папата до паросите: Бидете близу до народот и слушајте го

Гледајте ја реалноста без страв за да го откриете сето добро кое постои – е повикот со кој папата Фрањо го заврши својот говор на традиционалната средба со римските пароси, одржана на 15 февруари 2018 година во базиликата Свети Иван Латерански.

Тоа беше разговор во кој Светиот Отец одговараше на нивните прашања, обраќајќи се најпрво до помладите, потоа до оние на средна возраст и на крајот до најзрелите. Тоа беше важна прилика за папата Фрањо да го изрази своето мислење за свештеничкиот живот, како и за тоа како да се соочиме со предизвиците кои ни ги наметнува денешниот свет.

Најмладите свештеници: Како во полнота да го живеат својот повик

Прашањето на најмладите свештеници беше слоевито. Имено, прашаа како во полнота да се живее сопствениот повик среде мноштвото различни прилики кои не се секогаш наклонети. За исправно да се живеат сопствените обврски – им рече Папата – потребен е свештенички „стил“ кој треба да биде личен. Секој има свој стил – истакна и објасни: Свештенството е начин на живот, звање, во одредена смисла имитирање на Исус Христос; но твоето свештенство е единствено, поинакво од другите.

Затоа Папата ги повика да го бараат сопствениот стил и лице во лице да разговараат со Господ, а потоа да размислуваат за своите гревови, за ограничувањата кои им ги наметнуваат приликите, но и за личните и културалните ограничувања. Со нив треба да се дијалогизира. „Потребно е да се дијалогизира со ограничувањето кое го носам во себе, и да расудувам.“ А тој дијалог – според зборовите на Папата – треба да води кон некој кој ќе ми помогне во расудувањето. „Многу е важно да го споредам тоа што се случува во мене со она што се случува во другите“ – рече папата Фрањо и додаде дека во тоа многу помага свештеничкото братство, мали групи свештеници кои заедно се придружуваат, затоа што – додаде – самотијата не е добра.

Во зрелата возраст доаѓа криза како во голем број бракови

Вториот одговор беше упатен најмногу до свештениците кои имаат помеѓу 40 и 50 години. (…)

Тоа е момент на голем број искушенија – вели Папата и додаде затоа е потребна преобразба. Не може да си оди понатаму без таа потребна преобразба, затоа што ако така продолжиш не дозревајќи, попуштајќи на таа криза, можеш да завршиш со двоен живот, или оставајќи сè… – рече папата Фрањо. Во тој период од животот ги нема повеќе оние први чувства, и се случува како во бракот: помина заљубеноста… (…) Сè се смирило и оди на поинаков начин. Останува нешто што треба да го бараме во внатрешноста, а тоа е желбата за припаѓање – рече Папата.

Припаѓање на телото, желба за делење со другите, за заедничко одење. Припаѓање на бискупијата, на презвитериумот… – објасни Светиот Отец и во таа смисла препорача веднаш да се побара помош затоа што – како што рече – опасно е да се оди сам во тој период. Тоа е период во кој молитвата станува дарување на Господ, и дарување на другите кои би требало да растат додека ти се намалуваш – рече Папата.

Како да се надмине непримерноста – старите може многу да дадат

Третиот одговор беше упатен посебно до свештеници со 35 и повеќе години свештеничка служба кои – како што му кажаа на папата Фрањо – го поминале периодот на брзи промени, и неретко чувствуваат напор и непримерност. Освен тоа често не можат да посегнат по искуството за да одговорат на новите прашања и потреби на службата.

Првата тешкотија е не успеваш да го пронајдеш денешниот начин на говор, на пример со новите технологии – потврди Папата и додаде: Но, најважно е на таа возраст она што може да се направи, она што на луѓето денес им е потребно. Тоа е возраст за насмевка, кога можеме да даруваме нежен поглед. Тоа е време за дарување на безусловна прошка во светата Тајна Исповед. Старите татковци кои го познаваат животот се близу до човечката беда и до болките. Не зборуваат многу, туку можеби со погледот, со насмевката, и само со еден збор прават многу добра – истакна папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот