Во писмо упатено до летниот камп организиран од Апостолскиот викаријат, папата Фрањо ги охрабрува младите од различни христијански заедници во земјата кои учествуваа на него, секогаш да одат напред со радост и надеж и да не се обесхрабруваат пред неволјите. Бискупот Илгит: Светиот Отец е многу заинтересиран за нашата ситуација, особено по минатогодишниот земјотрес
Дојдоа во Трабзон, Турција од различни заедници на Апостолскиот викаријат на Анадолија за да учествуваат на Летниот камп 2024 година, организиран од 10 до 15 август во црквата Света Марија, каде што дон Андреја Санторо беше убиен на 5 февруари 2006 година. Шеесетина млади луѓе се сретнаа за да поминат во моменти на размислување, молитва и културни настани, предводени од монсињор Антоан Илгит, помошен бискуп на викаријатот, со помош на монасите Маристи и Капуцини и 14 монахињи од Општествотот на воплотеното Слово.
Папата Фрањо со писмо сакаше да ја изрази својата близина со нив, охрабрувајќи ги секогаш да одат напред радосно и со надеж и да работат за изградба на поправеден, побратски и поубав свет. Секогаш е убаво да се сретнеме заедно на молитва, да се запознаеме и да учествуваме заедно – напиша Папата.
Неочекуван дар за младите беше писмото од папата Фрањо, кое бискупот Илгит го преведе на турски за да им го прочита на сите учесници на средбата. Младите сакаа да му се заблагодарат на Папата, пишувајќи му на него – изјави монсињор Илгит во интервју за ватиканските медиуми, кој ќе се погрижи нивниот текст наскоро да биде врачен.
Биланс на средбата на млади
Гледајќи наназад на средбата одржан во изминатите неколку дена, бискупот истакна дека организираат две големи средби во нивниот Викаријат. Едниот се поклопува – рече – со празникот Преобраќање на свети Павле што го славиме во Тарс, другиот со празникот Петар и Павле, на 29 јуни, а го организираме во Антиохија, бидејќи Викаријатот е многу голем, како Италија – објасни тој. Затоа, младите немаат можност да се запознаат, па со организирање на овие две средби им даваме можност да се видат, да разменуваат идеи, па дури и да се дружат. Оваа година ме замолија да ги одведам од областа погодена од земјотресот, па го избравме Црното Море, другиот брег на Турција, а исто така и на Викаријатот и се најдовме во Трабзон, каде што пред многу години беше убиен дон Андреја Санторо. Учествуваа многу локални млади, христијани од апостолскиот викаријат, но и бројни христијани бегалци – рече бискупот и истакна дека во петте дена од средбата размислувале за војна и мир, вдахновени и од зборовите на Светиот Отец, кој им се обрати со писмо.
Богатството на христијанските бегалци
Зборувајќи за реалноста на младите, бискупот Илгит истакна дека во апостолскиот викаријат има многу млади од христијански семејства. Покрај тоа, Турција прими многу бегалци во последниве години, вклучувајќи и многу христијани од Сирија, Ирак и Иран. Така, бројот на млади бегалци христијани сега го надмина бројот на локалните млади луѓе. Затоа, чувствуваме одговорност и за пасторалната грижа на овие бегалци кои исто така се распределени во градовите кои немаат христијански заедници. Затоа се трудиме да ги организираме овие средби, за да можат бегалците да дојдат на места каде што се нивните врсници, локални христијани – објасни бискупот, нагласувајќи дека учеството на бегалците во голема мера го збогатува животот на нивните млади. Но – додаде тој – бегалците, запознавајќи се со своите врсници-домаќини, исто така се чувствуваат како учесници во Црквата чиј дел се привремено.
Младите – сегашност и иднината на Црквата во Турција
Со надеж дека овие млади луѓе ќе останат во Турција, ќе продолжат да бидат во Црквата и да придонесуваат за напредокот на Црквата, бискупот рече дека овие млади луѓе се иднината на Црквата во Турција. Не само иднината; тие се сегашноста и иднината – истакна тој. Ако сакаме да ги обновиме срушените згради, катедралата која се урна во земјотресот, потребни ни се токму тие живи камења, млади луѓе, нивното учество, нивната вера, за да се обнови и да се води Црквата напред во оваа света турска земја. Затоа, младите се нашето денес и нашата иднина и затоа им се посветуваме и се трудиме да ги следиме.
Погледот на младите кон иднината
Младите знаат дека се во земја со исламско мнозинство, дека се дел од малцинство – истакна бискупот – но не сакаат да бидат третирани како малцинство, тие сакаат да бидат граѓани како сите други. Затоа се стремат да работат во општеството и за општеството. Нивните соништа секогаш се однесуваат на универзитетски студии, добро образование, можности да најдат добра работа, за да можат како христијани да ја градат иднината на оваа земја, каде што би сакале да останат и да придонесуваат на сите нивоа – рече бискупот Илгит.
Ватикан њуз/к.мк