Папата до младите: Исус нè познава по име и нè повикува на пријателство со Него

Папата до младите: Исус нè познава по име и нè повикува на пријателство со Него

На средбата со повеќе од 6.000 млади од италијанскиот регион Лацио во Ватикан, папата Лав XIV ги потсети дека најголемата радост ќе ја пронајдат ако одговорат на повикот на Господ да бидат Негови пријатели. Исус ги познава по име и ги повикува на светост, која носи исполнетост и радост.

„Христос нè познава по име. Со текот на времето Тој ни го открива нашето вистинско име, нашиот автентичен идентитет, нашето бесконечно достоинство и местото во светот што го замислил за нас.“

Со овие зборови папата Лав XIV им се обрати на повеќе од 6.000 млади од италијанскиот регион Лацио, собрани во салата „Павле VI“ во Ватикан на молитвена средба организирана од Бискупската конференција на регионот.

Средбата беше вдахновена од темата на Светскиот ден на младите во Сеул во 2027 година „Бидете храбри! Јас го победив светот“ (Иван 16,33).

За време на средбата Светиот Отец одговараше на прашања поставени од млади претставници на бискупиите од Лацио и ги повика сите присутни да го прифатат повикот за светост.

Светоста не е товар, туку пат кон вистинската среќа

Во своите одговори Папата нагласи дека светоста не е нешто што треба постојано да го докажуваме и што создава стрес, ниту уште едно очекување што мора да го исполниме.

Светоста, рече тој, е дар и „повик што одговара на нашата најдлабока желба да ја пронајдеме среќата и да бидеме среќни“.

Таа „цвета и созрева во нас додека го следиме Исус Христос, без да се натпреваруваме со другите“.

Папата Лав ги потсети младите дека Исус е Оној Кој нè осветува и нè преобразува според Својот лик.

„Драги млади, колку е полн со љубов и колку изненадува Богот на Исус, Бог Кој е Исус!“

Следејќи го Исус стануваме она што навистина сме

„Кога сме во Негово друштво“, рече папата Лав, „се ослободуваме од товарот постојано да водиме сметка за сè што правиме и од обидот сами да се спасиме. Христос нè спасува.“

Тој повторно нагласи дека Христос го познава секој човек лично.

„Христос нè познава по име. Со текот на времето Тој ни го открива нашето вистинско име, нашиот автентичен идентитет, нашето бесконечно достоинство и местото во светот што го замислил за нас.“

„Следејќи го Исус, стануваме она што навистина сме“, рече Папата.

Папата Лав истакна дека младите живеат во важен историски момент и ги потсети дека среде предизвиците и ветувањата, заканите и надежите на денешното време, Воскреснатиот Исус оди заедно со нив.

„Во Црквата наоѓаме и предизвик и поддршка. Еден од предизвиците е оној на ‘засекогаш’. Црквата нè воспитува да правиме верни избори, избори што траат и можат да ги издржат тешкотиите, бидејќи Божјата љубов е вечна.“

Христијанската вера е пријателство со Исус

Обраќајќи им се на младите, папата Лав нагласи дека христијанската вера пред сè е „врска на пријателство со Исус и со оние што Тој самиот ги повикал да Го следат пред нас, заедно со нас и по нас“.

Папата им даде две конкретни препораки за продлабочување на ова пријателство.

„Првата е во Евангелието да ги откриваме зборовите и гестовите преку кои Исус нè љуби и од ден на ден да ги вкусуваме на страниците на Светото Писмо.“

Втората препорака е верата да се живее во заедницата на Црквата.

„Да чекориме во Црквата заедно со нашите браќа и сестри, бидејќи уште од самиот почеток Исус сакал да има ученици и заедно со нив да ја создаде Својата заедница.“

Папата нагласи дека заедничкото живеење на верата им помага на христијаните да ги надминат моментите на сомнеж и тешкотии и да ја искусат радоста што произлегува од припадноста на Христос.

Тој ги охрабри младите својата вера да ја градат врз личното пријателство со Исус, да го слушаат Неговото слово и да дозволат преку Него да го откријат сопствениот идентитет и повик.

Папата Лав XIV ги потсети дека Христос продолжува да оди со нив и дека токму во Неговото пријателство можат да ја пронајдат храброста потребна за верни и трајни животни избори.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот