Папата до младите: Донесете му ги на Христос вашите прашања и раните што го разделуваат светот
Во својата порака за Светскиот ден на младите 2026 година, кој на епархиско ниво се одбележува на празникот Христос Цар, папата Лав XIV ги охрабрува младите да му ги отворат своите животи на Христос и да му ги доверат поделбите и раните што ги погодуваат нивните заедници и општества.
Отворете ги своите срца за Христос и дозволете Неговата храброст, мир и љубов да ја победат темнината и страдањето присутни во светот, им порача папата Лав XIV на младите во пораката објавена на 3 ноември по повод Светскиот ден на младите 2026 година, кој ќе се одбележи на 22 ноември.
„Донесете му ги на Христос вашите прашања и вашите рани, но и раните што ги разделуваат вашите општества и ги спротивставуваат вашите земји“, напиша Папата.
„Донесете му го ова создание кое стенка и страда, крикот на земјата и крикот на сиромашните, кои папата Фрањо нè научи да ги слушаме. Споделете ги со Исус вашите радости и надежи.“
„Не задоволувајте се со живот кој е помал од оној на кој Христос ве повикува“, нагласи Светиот Отец.
Светскиот ден на младите секоја година се одбележува на епархиско ниво на празникот на нашиот Господ Исус Христос, Цар на вселената, кој во 2026 година се слави на 22 ноември. На секои неколку години се одржува и меѓународна средба на младите, а следната е закажана од 3 до 8 август 2027 година во Сеул, Јужна Кореја.
Во својата порака папата Лав XIV се осврна и на средбата во Сеул и на нејзината тема: „Бидете храбри, Јас го победив светот“ (Иван 16,33).
Пораката е потпишана на 22 октомври, литургискиот спомен на Свети Иван Павле II. Потсетувајќи на зборовите на својот претходник, Папата ги повика младите да не се плашат и широко да ги отворат вратите за Христос.
Тој ги охрабри, покрај практичните подготовки за патувањето во Сеул, да ги подготвуваат и своите срца, дозволувајќи темата на Светскиот ден на младите да ги придружува во текот на претстојната година.
„Не чекајте да бидете совршени за да му се отворите. Тој доаѓа да ве сретне токму такви какви што сте. Отворете ги вашите животи за Христос. Отворете ги вашите заедници за Христос. Отворете ги патиштата што водат до срцата на луѓето што ќе ги сретнете“, порача Папата.
Христос оди со нас низ бурните води на животот
Папата призна дека храброста понекогаш тешко се наоѓа, особено кога во човекот преовладуваат неизвесноста и стравот. Многу млади, истакна тој, во своите срца носат прашања и грижи што силно ги оптоваруваат.
Многумина чувствуваат вознемиреност поради иднината, притисок да бидат совршени или успешни, се споредуваат со недостижни и вештачки создадени идеали или со внимателно уредените слики на социјалните мрежи. Други се соочуваат со осаменост, разочарување или со страв дека не се доволно добри.
Во такви околности, Папата ги повика младите да не се препуштаат на очајот. Тој потсети дека и апостолите чувствувале страв кога се нашле во мал чамец среде разбрануваното езеро.
„Уште пред да започнете да го барате Христос, Тој веќе ве бара вас, одејќи по бурните води на животот“, објасни Папата, нагласувајќи дека христијанската храброст извира од Христовото присуство во нашиот живот.
„Самиот Христос не живееше живот без бури, ниту пак ни ветува таков живот. Сепак, никаква темнина или страдање не е посилна од Неговата љубов. Тој никогаш нема да ве напушти. Ве повикува на пријателство со Него и бара да му го доверите својот пат и патот на вашите заедници“, порача Светиот Отец.
Донесете ја Христовата блага храброст во ранетиот свет
Папата потсети на евангелската сцена во која Исус им доаѓа на помош на учениците одејќи по водата и ги повикува да бидат храбри, зашто Тој го победи светот.
Под „свет“ овде се подразбира „светот на темнината“, односно онаа таинствена стварност, присутна и во човечкото срце, која му се спротивставува на Бога.
„Оваа храброст не произлегува од вашата решителност или од силата на карактерот. Таа доаѓа од довербата во Оној кој оди пред вас и се раѓа од верата во Исус Христос“, нагласи Папата, посочувајќи дека Христовото Воскресение му носи на човештвото живот, вистина, слобода, правда и мир.
„Христос не ве повикува да бегате од овој свет, туку да го гледате со Неговите очи и да го допирате со Неговата љубов, која исцелува сè. Дозволете да ве допре и придвижи стварноста околу вас. Исус не го сакаше светот од далечина“, истакна Папата.
Во свет обележан со неправда, тензии и стравови, папата Лав XIV ги повика христијаните да ја следат Христовата блага храброст, да одговорат со љубов на суровоста, со мир кога судирот изгледа како полесен избор и со надеж пред цинизмот.
Победата е во дарувањето себеси од љубов
Папата потоа се осврна на значењето на „победата“ над светот за христијаните. Таа се остварува преку слободната љубов и дарувањето себеси без пресметување на цената, по примерот на Христос.
„Следејќи го патот што го отвори Исус Христос, нема потреба да се наметнувате, постојано да ја докажувате својата вредност, да изгледате совршено или да ги криете своите слабости, сомнежи и ограничувања“, истакна папата Лав.
„Имајте храброст да бидете она што навистина сте пред Бога и пред другите. Вашето достоинство не произлегува од сликата што успевате да ја создадете за себе. Драгоцени сте затоа што сте создадени според Божјиот лик, затоа што Тој ве познава и ве љуби.“
Папата истакна дека откривањето на оваа љубов му овозможува на човекот слободно да им се дарува на другите. Слободата што ја нуди Христос го отвора срцето за „великодушната креативност на љубовта“.
Храброст да ги прифатиме сопствените ограничувања
Потоа Светиот Отец се задржа на „храброста на понизноста“, која му дозволува на Христос да влезе во животот на човекот и да го преобрази.
„Одреден начин на размислување ни кажува дека мораме сè да направиме сами, постојано работејќи на сопственото усовршување и на градењето посилна личност и карактер. Тоа на крајот може да нè доведе до уверувањето дека самите сме свои спасители“, предупреди Папата.
Евангелието, истакна тој, повикува на храброст да прифатиме помош, да ги признаеме сопствените ограничувања, да застанеме и да слушаме, дозволувајќи му на Христос да нè спаси.
„Отворањето на вашите срца за Христос нема да ве оддалечи од самите себе. Напротив, подлабоко ќе откриете кои сте во Божјите очи и ќе научите да се гледате себеси онака како што Тој ве гледа“, им порача Папата на младите.
„Свртете се кон длабочината на вашите срца. Нема да го изгубите патот, зашто токму таму ве чека Бог.“
Кога човекот ќе му дозволи на Христос да влезе во неговиот живот, продолжи Папата, се преобразуваат и секојдневните околности и односите со луѓето околу него.
„Сè се преобразува со љубовта. Многумина ја сметаат љубовта за слабост, но Христос ни покажува дека таа е извор на слобода и сила.“
Отворете ги затворените врати на вашите срца и заедници
На крајот, Папата потсети дека верата не ја отстранува секоја темнина од човечкиот живот, но му дава сигурност на човекот дека во неа никогаш не останува сам. Како што Христос им се јави на учениците кога биле исплашени и затворени во горната соба, така Тој доаѓа и денес во човечките стравови и рани.
„Можеби постојат врати во вашите срца и во заедниците на кои им припаѓате што остануваат затворени поради разочарувања, рани, огорченост или чувство на вина“, напиша Папата. „Христос доаѓа да ви го дарува својот мир и да ве помири едни со други.“
„Дарот на Неговиот мир нè исполнува со храброст што светот не може да ја даде, храброст благодарение на која, и покрај нашите рани, стравот повеќе го нема последниот збор.“
Ватикан њуз/к.мк

