Обраќајќи им се на свештениците, богопосветените лица и пасторалните соработници во Кордоба, папата Лав XIV повика на обновена верност кон првичниот Христов повик, поголема близина со сиромашните и храброст да се истрае во мисијата и кога таа е обележана со страдање, замор и лични ограничувања.
Папата Лав XIV во вторник, 10 ноември 2026 година, се сретна со епископи, свештеници, ѓакони, богопосветени мажи и жени, семинаристи и пасторални соработници во катедралата „Вознесение на Пресвета Богородица“ во Кордоба, на третиот ден од својата апостолска посета на Аргентина.
Средбата започна со поздравен говор на кардиналот Анхел Сиксто Роси, кој повика Црквата внимателно да ги слуша потребите на луѓето, особено на најранливите, и да чекори покрај нив во сиромашните населби, затворите и болниците. Следуваа и сведоштва на четири лица вклучени во животот и мисијата на Црквата.
Во своето обраќање Папата ги повика присутните повторно да се вратат на изворот на својот повик и да го обноват својот однос со Христос. Притоа потсети на богатата духовна традиција на Аргентина и на личности како Мама Антула, Свети Хосе Габриел дел Росарио Брокеро и папата Фрањо.
Враќање на сржта на сопствениот повик
Поаѓајќи од Игнатијанските духовни вежби, Папата ги повика присутните да си го постават прашањето „Зошто сме овде?“. Тој предупреди дека бројните пасторални обврски понекогаш можат да го потиснат она што е најважно, молитвата и личната близина со Бога.
„Многу работиме за Бога, а сепак поминуваме сè помалку време со Него“, рече Папата, повикувајќи повторно да се даде централно место на Евхаристијата, Божјото слово и личната молитва.
Папата Лав нагласи дека христијанскиот живот бара постојано преобраќање, понизност и внатрешна слобода за да се одговори на Божјиот повик, дури и кога Бог нè води во насока што претходно не сме ја очекувале. Затоа ги охрабри присутните искрено да го преиспитуваат својот живот и да останат отворени кон местата и луѓето кај кои Господ ги испраќа.
Црква блиска до сиромашните
Осврнувајќи се на општествената мисија на Црквата, Папата ја истакна нејзината посветеност кон луѓето кои страдаат и нагласи дека материјалната помош треба да биде придружена со духовна грижа и со навестување на Христос.
Потсетувајќи на учењето на папата Фрањо, тој го цитираше Апостолскиот поттик Evangelii gaudium и зборовите дека „најлошата дискриминација што ја трпат сиромашните е недостатокот на духовна грижа“.
Црквата, нагласи папата Лав, не е само хуманитарна организација. Нејзината мисија е да Го донесе Христос до човекот и да ја навестува Радосната вест.
Верност и среде страдањето и ограничувањата
Обраќајќи им се на семинаристите, папата Лав ги охрабри да научат да ги гледаат луѓето со Божји очи и да дозволат и самите да бидат евангелизирани од оние што ги среќаваат.
„Дури и оние што имаат најмалку можат многу да нè научат“, рече Папата, навраќајќи се на сведоштвата што ги слушна за време на средбата.
Тој зборуваше и за истрајноста во моменти кога службата носи замор, разочарување или кога плодовите од вложениот труд тешко се забележуваат.
„Дури и среде сомнежите и заморот, човек продолжува со својот живот да вели ‘Еве ме’“, рече тој.
Потсетувајќи на Свети Хектор Валдивиелсо Саез и Свети Брокеро, Папата нагласи дека телесните ограничувања и тешките животни околности не мора да значат крај на мисијата.
Сведоштва за вера и служење
Осврнувајќи се на сведоштвата на Лаура Сампало, богопосветена жена, и отец Мартин Каранца, свештеник од Кордобската надбискупија, Папата потсети и на сопственото неодамнешно искуство со болеста и хоспитализацијата и ги охрабри присутните да не ја изгубат мисионерската ревност.
„Нашите сили можат да се исцрпат, но Божјата сила никогаш не се исцрпува“, рече тој.
Папата додаде дека и современата технологија може да ѝ помогне на Црквата во нејзината мисија и да отвори нови можности за навестување на Евангелието.
На крајот од своето обраќање папата Лав се наврати на Игнатијанската молитва на целосно предавање на Бога, која започнува со зборовите „Земи, Господи, и прими…“.
Тој ги повика присутните повторно да се запрашаат дали Господ и понатаму може да смета на нив и да се послужи со нивниот живот.
„Ако одговорот и понатаму е ‘да’, тогаш пред нас има уште многу. Да не се откажуваме!“, порача Папата.
Светиот Отец ја охрабри Црквата во Аргентина и понатаму да се грижи за новите звања, за живи парохиски заедници, за богопосветениот живот и за семинарии во кои идните свештеници ќе се воспитуваат и ќе растат во светоста.
Тој потсети и на познатиот повик што папата Фрањо им го упати на младите во Рио де Жанеиро, охрабрувајќи ги да „прават врева“, односно храбро да ја живеат верата и да не остануваат затворени во себе.
На крајот папата Лав XIV ја довери Црквата во Аргентина на Пресвета Богородица од Лухан и ги повика присутните да се вратат во своите заедници со обновена надеж, внатрешна слобода и нова посветеност на мисијата што им е доверена.
Ватикан њуз/к.мк

