Папата до корејските свештеници и богопосветени лица: Бидете сведоци на помирувањето и градители на мирот
Папата Лав XIV во понеделник, 5 октомври 2026 година, во салата Клементина во Апостолската палата се сретна со околу 170 корејски свештеници и богопосветени лица кои престојуваат во Рим. Многумина од нив се вклучени во подготовките за Светскиот ден на младите, кој во 2027 година ќе се одржи во Сеул.
Во своето обраќање Папата ги повика присутните да бидат „чувари на сеќавањето“, „сведоци на надежта“ и „градители на мирот“, потсетувајќи на сведоштвото на корејските маченици, врз кое израснала Црквата во Кореја.
Осврнувајќи се на Светскиот ден на младите во Сеул, папата Лав XIV изрази желба оваа средба да биде можност за да се сретнат сеќавањето и иднината. Тој посочи дека младите од целиот свет ќе дојдат во земја во која Евангелието се вкоренило преку верата и жртвата на мачениците.
„Мачениците им ја предаваат верата на новите генерации, а младите ја примаат за да ја однесат на улиците на светот“, истакна Папата.
Тој ги охрабри свештениците и богопосветените лица внимателно да ги слушаат младите, да одат заедно со нив и да им помогнат да откријат дека следењето на Христос ја исполнува човечката слобода и го отвора животот за поширок хоризонт.
Папата потсети и на посебната историја на корејското христијанство, кое се развивало преку луѓе што самостојно ги запознавале христијанските текстови и барале подлабоко да го запознаат Исус Христос. Од таа жед за вистината произлегла заедница што подоцна дала голем број маченици, меѓу кои свети Андреј Ким Те-гон и свети Павле Чонг Ха-санг.
Посебно го спомена преподобниот Томас Чое Јанг-Еоп, вториот корејски свештеник, кого го опиша како „маченик на потта“. Во текот на единаесет години тој патувал низ Кореја за да им служи на оддалечените христијански заедници, дарувајќи го својот живот во секојдневно служење.
Папата нагласи дека и денес на Црквата ѝ се потребни луѓе подготвени да прават добро и кога тоа бара жртва. Ги повика присутните да бидат блиску до осамените, да ги поддржуваат изморените, да ги бараат оддалечените, да простуваат и да создаваат можности за дијалог.
Посебно место во неговото обраќање имаше повикот за помирување на Корејскиот Полуостров, кој сè уште ја носи раната на поделбата.
„Мирот започнува во срцето и во секојдневните односи, кога слушаме наместо да осудуваме, простуваме наместо да чуваме огорченост и избираме заедништво наместо спротивставување“, порача папата Лав XIV.
На крајот тој ги повика корејските свештеници и богопосветени лица да продолжат да работат и да се молат за отворање нови патишта на средба и за слободно навестување на Евангелието на мирот на целиот Корејски Полуостров и во светот.
Ватикан њуз/к.мк

