На аудиенција со членовите на Италијанската епископска конференција, на крајот од нивното 82. Генерално собрание, папата Лав XIV повика на „насочување кон суштинското“ и на зачувување на првенството на Евангелието, кое „нè буди“ во денешниот свет, „обележан со комплексност“.
На средбата со учесниците на 82. Генерално собрание на Италијанската епископска конференција во Ватикан, папата Лав XIV ја изрази својата блискост со „сите Цркви низ цела Италија, со свештениците, ѓаконите, посветените лица, семејствата, но и со оние кои, можеби без да го сфаќаат тоа, во своите срца носат жед за Бога“.
Овој дар, продолжи тој, е нешто за што имал милост да сведочи „дури и во време како нашето, обележано со комплексност“. Папата објасни дека тоа го видел одблизу за време на своите патувања во Помпеја, Неапол и Ацера.
Папата Лав додаде дека постојат многу знаци што откриваат замор, поделеност и осаменост во животот на луѓето. Понекогаш, и во заедниците се чувствува предизвикот на пренесувањето на верата и вклучувањето на помладите генерации. Сепак, нагласи Папата, „Евангелието нè буди“.
Жетвата е голема
Продолжувајќи го својот поздрав, папата Лав се осврна на стихот од Евангелието според Лука: „Жетвата е голема, а работниците се малку. Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва“.
Како неуморен Сејач, Бог секој ден влегува во светот и „сее“ во срцата на луѓето желба за бесконечното, „за исполнет живот, за спасение што ослободува“. Папата Лав забележа дека, благодарение на Бога, жетвата е изобилна. Нашата задача, рече тој, е да го прифатиме Господовиот поглед и да го направиме свој.
Не треба само „да се жалиме на стврдната почва или да се задржуваме само на статистиките“. Напротив, нагласи Папата, повикани сме „со очите на воскреснатиот Христос“ да ја видиме жетвата што Бог ни ја подготвува.
Зборувајќи директно до италијанските епископи, папата Лав се помоли Светиот Дух да им дарува срца што горат од „ревноста Христова“ и многу работници што ќе работат „заедно со нас“.
Приоритет е Евангелието
Имајќи го ова предвид, „приоритет е Евангелието“, објасни Папата. Тоа е нишката што се провлекува низ целата историја на Црквата, од свети Фрањо Асишки, преку свети Павле VI, до папата Фрањо. Верата се раѓа од Евангелието, „како жива средба со Христос, умрен и воскреснат, присутен во Својата Црква“.
Во денешниот свет, папата Лав истакна дека враќањето на Евангелието во центарот „е и дар што внесува ентузијазам во нашиот живот како епископи, и итност што нè придвижува напред“.
Затоа, епископите треба да си постават две прашања:
Какво Божјо лице дозволуваме да заблеска во нашето проповедање, катехеза, литургија, милосрдие и во животот на нашите заедници? Како да поттикнеме средба со Христос и што значи денес, за нас и за нашите Цркви, да ги воведуваме другите во христијанскиот живот?
Папата ги повика пастирите секогаш да си ги поставуваат овие прашања, „никогаш не земајќи ги одговорите здраво за готово“.
Пренесување на верата
Тука е важно обновеното внимание кон христијанската иницијација, но такво што не се сведува само на подготовка за Светите Тајни. Светите Тајни се „утробата“ во која заедницата „раѓа вера и ги воведува луѓето во пасхалниот живот, во заедништвото со Господ, во црковното братство“.
Во живи и гостопримливи заедници верата може да се пренесува и да расте: во заедници што слушаат и се молат, што ја сметаат Евхаристијата за „извор и врв“, што ги гледаат сиромашните како браќа и сестри, и во кои семејствата не се запоставени.
За таа цел, епископите се повикани длабоко да го слушаат Божјото Слово, Божјиот народ и знаците на времето. Кога е присутно вистинско слушање, заедницата не се затвора во себе. Напротив, таа станува место на мисија и расудување, и затоа знае како да се обновува.
Тоа е значењето на синодалниот пат. „Синодална Црква е онаа во која секој човек, според својот повик, може да го понуди дарот примен од Духот за заедничко изградување“, истакна папата Лав.
Тоа значи дека учеството не е изборна можност. Напротив, тоа е „услов за заедништво и мисија“ и затоа треба да стане метод, одговорност и отчетност.
Не се мери со бројки
Папата нагласи дека Бог не бара од нас плодотворноста на Црквата да ја мериме според бројките, видливоста или влијанието.
Наместо тоа, тој ги повика епископите „да имаат храброст да се насочат кон она што е суштинско“. Фокусот треба да биде на постојана иницијација и формирање во христијанскиот живот, на гостопримливи и мисионерски парохии каде што семејствата можат да се собираат, како и на слушање на младите луѓе без ограничување на нивните прашања.
На крајот, папата Лав ѝ го довери патот на италијанските епископи на Марија, Мајката на Црквата.
„Нека ви помогне да бидете ‘вкоренети и изградени во Него, зацврстени во верата’ (Кол 2,7), да го чувате она што е суштинско, да ја раѓате верата, да одите со Божјиот народ и да го препознавате гласот на Господ, Кој и денес повикува, утешува и испраќа.“
Ватикан њуз/к.мк

