Папата Фрањо во среда, 7 август 2024 година во Ватикан се сретна со Здружението на авганистанската заедница во Италија.
Светиот Отец рече дека Авганистан во последните децении има комплицирана и драматична историја, обележана со низа војни и крвави конфликти, кои многу му отежнуваат на населението да живее мирен, слободен и безбеден живот. Тој, исто така, потсети дека поради нестабилноста и воените операции, многумина заминаа во егзил.
Тој посочи дека треба да се има предвид уште една важна карактеристика на авганистанското и пакистанското општество, а тоа е дека тие се составени од многу народи и сите се горди на својата култура, традиција и специфичен начин на живот. „Оваа посебна диференцијација, наместо да биде можност за промовирање на минималниот заеднички именител за заштита на посебноста и правата на секој човек, понекогаш е причина за дискриминација и исклучување, ако не и вистинско прогонство“, истакна Папата, додавајќи дека сето тоа има уште поголемо значење во пограничната област со Пакистан.
Осврнувајќи се на верскиот фактор, Петровиот наследник рече дека по својата природа верата треба да придонесе за разводнување на горчината на конфликтот и да создаде простор на сите потполно да им бидат признати граѓанските права на рамноправна основа и без дискриминација. „Меѓутоа, верата често е подложена на манипулација и искористување, и на крјаот завршува да служи за цели кои не се во согласност со неа. Во овие случаи, верата станува фактор на конфликт и омраза, што може да доведе до насилни постпаки“, рече Светиот Отец.
Папата Фрањо истакна дека затоа е важно во сите да се развие убедување дека не може да се поттикнува презир, омраза и насилство во името на Бога. Ги поттикна присутните да продолжат да дејствуваат во нивната благородна намера да промовираат верска хармонија и да работат на надминување на недоразбирањата меѓу различните религии за да изградат пат на доверба и мир. „Тоа е пат кој не е лесен, кој понекогаш има неуспеси, но тоа е единствениот можен пат по кој треба да се оди упорно и доследно, доколку некој навистина сака да направи добро за заедницата и да промовира мир“, нагласи тој.
Потсетувајќи на документот за човечко братство за светски мир и соживот, кој го потпиша заедно со големиот имам на Ал Азхар Ахмад Ал Тајеб во Абу Даби, рече дека е неопходно да се усвои културата на дијалог како пат, заедничката соработка како кодекс на однесување и меѓусебното разбирање како метод и критериум.
Светиот Отец изрази надеж дека овие критериуми ќе станат заедничко наследство и дека ќе влијаат на менталитетот и однесувањето, така што принципите не само што ќе се вреднуваат и споделуваат апстрактно, туку и конкретно и правилно ќе се применуваат. Тој потсети на посетата на некои африкански земји, каде што исламските и католичките верници се посетуваат по повод значајните празници и на тој начин го живеат своето братство.
На крајот, тој го замоли Бога да им помогне на владите и луѓето во градењето општество во кое секој ќе биде признаен како полноправен граѓанин со еднакви права, каде што секој може да живее во согласност со своите обичаи и култура, во рамка која ги зема предвид правата на сите, без злоупотреба и дискриминација.
Ватикан њуз/к.мк