Папата Фрањо, во пораката за крајот на Рамазан испратена до телевизиската мрежа Ал Арабија, ја изразува својата вознемиреност за војната и ги повикува нациите да го прекинат конфликтот во Палестина и Израел: надежта се раѓа само „ако знаеме да го препознаеме правото на секој народ да постои и правото на секој народ да има држава“.
Во својата порака за крајот на Рамазан, исламскиот свет месец на постот, папата Фрањо упати уште еден апел за мир. Со окото вперено во жртвите на целиот Блиски Исток, од Израел до Газа, од Сирија до Либан, тој упати уште еден болен повик да замолчи оружјетом да се отфрли војната, засекогаш. „Ме зафати вознемиреност поради конфликтот во Палестина и Израел: веднаш нека престане огнот во Појасот Газа, каде што е во тек хуманитарна катастрофа. Да се овозможи помошта да стигне до палестинското население кое многу страда. Нека бидат ослободени заложниците киднапирани во октомври! И мислам на напатената Сирија, на Либан, на целиот Блиски Исток: да не дозволиме да се распламти пламенот на огорченост разгорен од смртоносните ветришта на трката во вооружување! Да не дозволиме војната да се прошири! Да ја запреме инерцијата на злото!“, напиша Папата.
Војната е пат без цел
Прославата на Рамазан Бајрам, која се совпадна со празнувањето на христијанскиот Велигден, како што потсетува Папата во пораката, „предизвикува силен крик на тага поради крвта што тече во благословените земји на Блискиот Исток“. Затоа Фрањо бара светлината на животот да ја победи ноќта на омразата. „Бог е мир и сака мир. Оние кои веруваат во Него не можат, а да не ја отфрлат војната, која не ги решава, туку ги зголемува конфликтите. Војната, никогаш не се заморувам да повторувам, секогаш е само пораз: тоа е пат без цел; не отвора перспективи, туку ја гаси надежта“, додава папата.
На децата им требаат домови, а не гробови
Папата станува гласноговорник на желбата за мир што го посакуваат семејствата, младите, работниците, постарите, децата, мислејќи на нивните солзи додека велат дека доста на војната. „Доста! – И повторувам – до оние кои ја имаат големата одговорност да управуваат со народите: доста, престанете! Ве молам, престанете со татнежот на пушките и замислете ги децата, сите деца, како ваши деца. Сите да гледаме на иднината низ очите на децата. Тие не прашуваат кој е непријателот за уништување, туку кои се пријателите за играње. Ним им требаат домови, паркови и училишта, а не гробници и гробови!“, напиша Папата.
Апел за христијаните од Блискиот Исток
Како што пустините можат да процветат во природата, тоа може да се случи и во срцата и животите на луѓето и народите, е заклучокот од пораката, но само под одредени услови. „Од пустините на омразата ќе никнат никулци на надеж само ако знаеме да растеме заедно, еден до друг; ако знаеме да ги почитуваме верувањата на другите; ако сме способни да го признаеме правото на секој народ да постои и правото секој народ да има држава; ако знаеме да живееме во мир без да демонизираме никого“, порачува Папата.
Светиот отец ја завршува својата порака со прифаќање на христијаните кои живеат на Блискиот Исток „среде многу тешкотии“, барајќи „тие секогаш и секаде да имаат право и можност слободно да ја исповедаат својата вера која зборува за мир и братство“.
Ватикан њуз/к.мк