Папата Лав XIV ги прими на аудиенција учесниците во иницијативата организирана од Дикастеријата за промоција на единство меѓу христијаните, наменета за млади свештеници и монаси од Источните православни цркви, и нагласи дека историските и културните разлики во црквите претставуваат прекрасен мозаик од заедничко христијанско наследство. Тој изрази желба сите да растат во својата заедничка вера во Христос. Единството на христијаните може да биде квасец на мир и помирување за сите луѓе во светот.
Папата Лав XIV во четврток, 5 февруари, ги прими на аудиенција свештениците и монасите од Источните православни цркви кои се во студиска посета на Рим и Ватикан. Светиот Отец уште еднаш ја нагласи важноста на единство во верата и повика дека токму единството на христијаните може да биде квасецот на мирот во светот, но за да се постигне тоа, потребно е секој да ги отфрли сопствените предрасуди, христијаните да работат заедно и да ја зајакнат својата врска во Христа.
Иницијатива на Дикастеријата за промоција на единство меѓу христијаните
На почетокот од средбата, Римскиот епископ ги поздрави присутните млади членови на Коптската, Етиопската, Еритрејската, Сириската и Маланкарската Црква, со зборовите на Свети Петар упатени до христијаните: „Мир со сите вас кои сте во Христа“. Тој, исто така, упати братски поздрав до архиепископот Хаџаг Барсамијан и митрополитот Варнава Ел-Сорјани, кои ги придружуваа младите, и изрази благодарност до поглаварите на Источните православни цркви кои се приклучија на иницијативата организирана од Дикастеријата за промоција на единство меѓу христијаните. Студиската посета беше наменета да обезбеди можност подобро да се запознае Католичката црква, особено Римската курија и римските образовни институции. Папата нагласи дека оваа средба е благослов и за сите оние кои се сретнаа тука со делегацијата на Источните православни цркви, бидејќи на овој начин имаа можност подобро да ги запознаат овие цркви.
Мозаик од заедничко христијанско наследство
Папата Лав XIV, во својот говор на англиски јазик, потсети дека Свети Павле многу патувал во Израел, Мала Азија, Сирија, Арабија, па дури и во Европа, и дека со основањето и посетата на бројни христијански заедници, станал свесен за особеностите на секоја Црква, особено за нивната етничка припадност, обичаи, предизвици и грижи. Затоа, тој разбирал дека постои ризик тие премногу да се затворат во себе, концентрирајќи се на своите специфични проблеми, и затоа во своите писма сакал да потсети и нагласи дека се дел од едно мистично Тело Христово, охрабрувајќи ги да се поддржуваат едни со други и да го зачуваат единството на верата и науката. Затоа Светиот Отец нагласи:
Историските и културните разлики во нашите цркви претставуваат прекрасен мозаик од нашето заедничко христијанско наследство, нешто што сите можеме да го цениме. Во исто време, треба да продолжиме да се поддржуваме едни со други за да можеме да растеме во нашата заедничка вера во Христос, кој е крајниот извор на нашиот мир. Ова бара од нас да научиме да се „разоружаме“.
Единството на христијаните е квасецот на мирот
На крајот, Петровиот наследник, потсетувајќи се на Вселенскиот цариградски патријарх Атенагора, ги повика присутните да не дозволат себичноста да преовладува и да се ослободат од предрасудите. Тој рече дека мора да се води најтешката војна, а тоа е војната против самите себе. Мора да научиме да се разоружаме – нагласи папата Лав XIV и додаде:
Кога ги отстрануваме предрасудите што ги носиме во себе и ги разоружуваме нашите срца, растеме во љубовта, работиме поблиску заедно и ги зајакнуваме нашите врски на единство во Христа. На овој начин, единството на христијаните станува и квасец на мир и помирување за сите луѓе на земјата.
Ватикан њуз/к.мк

