Папата: Да не се враќаме на шемите на светот, кои ни ја одземаат слободата

Папата: Да не се враќаме на шемите на светот, кои ни ја одземаат слободата

Во моментите на искушение да не се враќаме на шемите на светот кои ни ја одземаат слободата. Наместо тоа потребно е да останеме на патот кон светоста – истакна папата Фрањо на светата Литургија, во домот Света Марта на 29 мај 2018 година.

Да се биде свет не значи да се има лице од светите слики

Појдовна точка на размислувањето Папата беше денешното прво читање од Првото послание на свети Петар, во кое свети Петар нѐ повикува да одиме кон светоста.

Повикот на светост е повик да живееме како христијани, односно да се живее како христијани е исто како да се „живее како светци“ – рече Светиот Отец и продолжи: Често за светоста размислуваме како за нешто посебно, како да имаме виденија, или возвишни молитви. Некои мислат дека да се биде свет значи да се има лице од светите слики. Не. Да се биде свет значи нешто друго. Да се оди по патот на светоста е она што Господ ни го говори за светоста. Но, што значи да се „оди по патот на светоста“? Петар одговара: „Наполно надевајте се дека ќе ви се принесе благодатта при јавувањето на Исуса Христа“ (1Пет 1, 13).

Да се оди кон светлото

Според тоа, да се оди по патот на светоста значи да се оди кон онаа благодат која ни доаѓа во пресрет, да се оди кон надежта. Тоа е како кога одиме кон светлото: многу пат не ја гледаме добро улицата затоа што светлото нѐ заслепува. Но, не правиме грешка затоа што го гледаме светлото и го познаваме патот – рече Папата. Од друга страна, кога одиме со светло зад себе, добро ја гледаме улицата, но всушност пред нас е сенка, а не светло.

Не се враќајте на шемите на светот

За да одиме кон светоста потребно е да бидеме слободни и да се чувствуваме слободно. Папата Фрањо предупреди дека постојат многу работи кои нѐ прават робови. Од таа причина, Петар нѐ поттикнува да не постапуваме според поранешните наши похоти, кога бевме во незнаење(1Пет 1, 14). И апостол Павле во Посланието до Римјаните пишува: „не се сообличувајте“, што значи „не влегувајте во шеми.“

Тој е исправен превод на тие совети: не влегувајте во шемите на светот, во светскиот начин на размислување, во начинот на размислување и судење кој го нуди светот затоа што тоа ти ја одзема слободата – рече Светиот Отец и продолжи: И за да се оди кон светоста потребно е да се биде слободен: слобода за да одиме со поглед свртен кон светлото, за да одиме напред. Но кога ќе се вратиме на начинот на живеење пред средбата со Исус Христос или кога ќе се вратиме на шемите на светот, ја губиме слободата – предупреди Папата.

Без слобда нема светоста

Всушност, во Книгата Исход се гледа колку пати народот Божји не сакал да гледа кон напред, кон спасението, туку сакал да се врати назад. Жалеле и го замислувале добриот живот кој го имале во Египет каде имале леб и месо. Во моментите на тешкотии народ се враќа назад, ја губи слободата: вистина е дека добро јаделе, но на „трпезата на ропството“ – рече папата Фрањо.

Во моментите на испитување секогаш сме во искушение да гледаме кон назад, кон шемите на светот, шемите кои сме ги имале пред да тргнеме по патот на спасението: без слобода. Без слобода не може да се биде свет. Слободата е услов за да одиме со поглед кон светлото пред нас. Да не влегуваме во шемите на световноста, туку да одиме напред гледајќи кон светлото кое е ветување, во надежта; како народот Божји во пустината: кога гледале кон напред, сѐ одело добро; но кога биле меланхолични затоа што не можеле да ги јадат убавите работи кои таму им ги давале, правеле грешки и заборавале дека таму немале слобода – рече Светиот Отец.

Шемите на светот ветуваат сѐ, а не даваат ништо

Според тоа, Господ секојдневно нѐ повикува на светост – истакна папата Фрањо. Притоа постојат два критериуми според кои знаеме дали сме на патот кон светоста: пред сѐ да гледаме кон Господовото светло со надежта дека ќе го пронајдеме, а потоа доаѓаат искушенијата, да се гледа кон напред и да не се загуби слободата така што ќе бараме засолниште во световните шеми кои ни ветуваат сѐ, а не даваат ништо. „Бидете свети, затоа што јас сум свет“, е Господовата заповед на која потсети Папата за да нѐ потткине да молиме за благодатта за добро да разбереме што е патот на светоста: пат на слободата, но во надежен стремеж кон средбата со Исус. А и за добро да разбереме што значи да се оди кон световните шеми кои сите ние сме ги имале пред средбата со Исус – рече на крајот Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот