Папата: Дали живееме како христијани?

Папата: Дали живееме како христијани?

Крајот на светот и крајот на секој од нас кој еден ден ќе дојде. Тoа беше тeмата за која папата Фрањо размислуваше во проповедта на светата Литургија која ја служеше на 29 ноември 2018 година. Царствата пропаѓаат, остануваат само понизните кои се доверуваат на Господ.

Крајот на светот и на секој од нас е темата која оваа недела ни ја предлага светата Литургија и за тоа зборуваат денешните читања кои папата Фрањо ги коментираше во проповедта на светата Литургија во домот Света Марта. Првото читање од Книгата Откровение го опишува уништувањето на Вавилон, убав град, симбол на световноста, луксузот, самодоволноста и моќта на овој свет, а Евангелието известува за уништување на светиот град Ерусалим – рече Папата.

Падот на корумпираниот Вавилон

На денот на судот Вавилон ќе биде уништен со победнички вик. „Падна, падна Вавилон големиот, и стана ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух“ – потсети Папата и истакна: Под неговото величие ќе се открие корупцијата и нејзината слава ќе се покаже како лажна среќа. Неговото уништување ќе биде насилно и никој повеќе нема да го најде.

„И глас на гуслари, пеачи, свирачи и трубачи во тебе нема веќе да се чуе; никаков уметник од која и да е уметност нема веќе да се најде во тебе“ – цитираше папата од денешното читање и продолжи: Затоа што тоа не е град во кој е работи, туку во кој владее корупцијата, шум од воденичен камен нема веќе да се чуе во тебе и светлина од светила нема веќе да осветлува во тебе. Можеби ќе биде осветлен град, но без светла, нема да блеска.

Тоа е корумпирана цивилизација – рече Папата и продолжи: Глас на младоженец и невеста нема веќе да се чуе во тебе. Имало многу парови, многу луѓе, но немало љубов. Тоа уништување ќе започне од внатре и ќе заврши кога Господ ќе каже: Доста! Ќе дојде ден кога Господ ќе каже: „Доста со површностите на овој свет!“ Тоа е криза на цивилизацијата која нè прави горделиви, самодоволни, спроведувачи на својата волја и лошо завршува.

Ерусалим им ја отвори вратата на паганите

Ерусалим ќе пропадне од друг вид на корупција заради „корупцијата на неверството на љубовта“; не бил во состојба да ја препознае Божјата љубов во Неговиот Син. Светиот град, казнет од Господ, ќе биде поткопан од паганите затоа што на паганите им ја отвори вратата на своето срце.

Христијанскиот живот во нашиот случај – рече Папата – се претвора во пагански живот. Дали живееме како христијани? Изгледа дека живееме. Но, нашиот живот е всушност пагански кога се случуваат тие работи, кога Ерусалим живее како Вавилон. Кога сака да спои нешто што не може. И обата ќе бидат осудени. Ако си христијанин, живеј како христијанин. Не може водата да се меша со маслото. Секогаш ќе останат различни – рече Папата и напомена дека ќе дојде крај на цивилизацијата која во себе е контрадикторна, која вели дека е христијанска, а живее како паганска.

Спасението е за оние кои се доверуваат на Господ

Размислувајќи повторно за денешните читања Папата напомена дека после осудата двата града го слушаат Господовиот глас; по уништувањето ќе дојде спасението. И ангелот рече: Дојдете блазе на оние кои се повикани на свадбената гозба на Јагнето!“ Голема е таа, вистинска гозба!

Има трагедии и во нашиот живот, но пред нив треба да се гледа хоризонтот затоа што сме откупени и Господ ќе дојде да нè спаси. Тоа нè учи дека искушенијата во светот да не ги живееме во договор со световноста или паганството кои нè водат во уништување, туку со надеж, одвојувајќи се од тоа световно и паганско заведување и гледајќи го хоризонтот, доверувајќи се во Христа, во Господ – истакна папата Фрањо и додаде: Надежта е нашата сила, така одиме напред, но треба да го молиме Светиот Дух.

Сè пропаѓа; остануваат само понизните

Папата на крајот поттикна на размислување за Вавилонците во нашето време, на бројните моќни царства, на пример од минатиот век кои пропаднале. Така ќе завршат и денешните големи градови – рече Папата– така ќе заврши нашиот живот, ако продолжиме да го водиме по тој пат на паганизација. Остануваат само оние кои својата надеж ја полагаат во Господ. Да го отвориме затоа срцето со доверба и да се одалечиме од паганизација на животот – поттикна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот