Папата Лав XIV објави хирограф со кој го укинува Папскиот комитет за Светскиот ден на децата, основан од папата Фрањо во 2024 година.
Откако минатиот август Папскиот комитет за Светскиот ден на децата беше ставен под Дикастеријата за мирјани, семејство и живот, со што му беше променет статусот како тело што непосредно му припаѓа на Светиот Отец, папата Лав XIV го укина Комитетот со хирограф објавен во петок 13 февруари 2026 година.
Комитетот беше основан од папата Фрањо во ноември 2024 година со задача да се грижи за „црковното оживување и пасторалната организација“ на Светскиот ден на децата. Тоа е настан по примерот на Светскиот ден на младите и донесе илјадници деца од целиот свет во Рим, настан со музика, вера и сведоштво.
Одговорноста се пренесува на Дикастеријата за мирјани, семејство и живот
Иницијативата ќе продолжи да се одбележува, а второто издание е закажано во Рим од 25 до 27 септември 2026 година, како што Папата Лав најави лани во ноември.
Сепак, одговорноста за организирање и координација сега целосно се пренесува на споменатата Дикастерија, предводена од кардинал Кевин Фарел. „Дикастеријата за мирјани, семејство и живот е одговорна за сите прашања што претходно беа под надлежност на Папскиот комитет“, стои во писмото.
Поголема соработка и ефикасност
Одлуката, објаснува папата Лав, го продолжува правецот утврден со рескриптот од август 2025 година и има цел „по соодветни консултации, да поттикне поголема синергија и поефикасна работа за остварување на оваа благородна иницијатива“.
Папата Лав го укинува и основачкиот хирограф и поврзаниот статут на Папскиот комитет. Исто така, се укинуваат и „сите акти и прописи претходно донесени“ од Комитетот, кои „престануваат да имаат правни дејства и во канонскиот и во граѓанскиот поредок“. На претседателот, потпретседателот и другите членови веднаш им престануваат нивните функции.
Според документот, префектот на Дикастеријата за мирјани, семејство и живот ќе „ги уреди преостанатите прашања на Комитетот“ и ќе достави „завршен извештај за ликвидација“ до Секретаријатот за економија, за одобрување и за одлука околу распределбата на преостанатите средства.
Ватикан њуз/к.мк

