Папата го прими претседателот Абас: Конфликтот во Газа мора да се запре и мора да се најде решение за две држави
Папата Лав XIV во четврток 6 ноември 2025 година прв пат го прими претседателот на Државата Палестина на аудиенција, во рамките на долго планираната посета на палестинскиот лидер на Италија. Во приватен разговор, тие ја повторија итноста од обезбедување помош на цивилното население во Газа. Ја споменаа и 10-годишнината од Глобалниот договор меѓу Светиот Престол и Државата Палестина, потпишан во јуни 2015 година.
Папата Лав XIV го прими на аудиенција Махмуд Абас, претседател на Државата Палестина, на која, меѓу другото, беше повторена итноста од обезбедување помош на населението во Газа, кое продолжува да страда од израелските напади и покрај прекинот на огнот потпишан на 10 октомври за прекин на конфликтот во Појасот Газа и за застапување на решение за две држави.
Вчерашната посета на гробот на папата Фрањо
Аудиенцијата на палестинскиот лидер со Светиот Отец беше првата институционална етапа од неговото патување во Италија. Вчера, тој направи кратка посета на базиликата Света Марија Велика, каде што го посети гробот на папата Фрањо, стар пријател кој – како што самиот им кажа на новинарите – направи многу за Палестина и палестинскиот народ. Да потсетиме дека тој се сретна со аргентинскиот Папа неколку пати: во 2014 година, го прими во Витлеем за време на патувањето во Светата Земја; неколку месеци подоцна, засадија маслиново дрво на мирот во Ватиканските градини заедно со тогашниот израелски претседател Шимон Перес; разговараа неколку пати по телефон и одржаа неколку аудиенции во Ватикан.
Патувањето на претседателот Абас во Рим е планирано долго време, а по средбата со Римскиот бискуп, закажани се средби и со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, и со премиерот, Џорџо Мелони. Неговата посета добива уште поголемо значење по вчерашното презентирање на нацрт-резолуцијата на САД за мировниот план за Газа пред десетте избрани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, како и претставници на Египет, Катар, Саудиска Арабија, Турција и Обединетите Арапски Емирати.
Пристигнување во Ватикан
По телефонскиот разговор на 21 јули, во кој разговараа за случувањата во Газа и проблемите на Западниот Брег, на денешната прва приватна аудиенција, претседателот на Државата Палестина и папата Лав XIV се потсетија и на 10-годишнината од Глобалниот договор меѓу Светиот Престол и Државата Палестина, потпишан на 26 јуни 2015 година. За време на срдечниот разговор, беше потврдена итноста од обезбедување помош на цивилното население во Газа и прекинување на конфликтот, со напори за изнаоѓање решение за две држави – соопшти Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Зборовите на Папата во Кастел Гандолфо
Оваа последна точка отсекогаш била официјален став на Светиот Престол, повторен неколку пати од државниот секретар, кардинал Пјетро Паролин, а пред него од папата Фрањо, а сега и од папата Лав. Во вторник вечерта, одговарајќи на прашања од новинари пред неговата резиденција во Кастел Гандолфо, Светиот Отец ја истакна кревкоста на прекинот на огнот во Газа и прашањето за доселениците на Западниот Брег. Сепак, тој изрази позитивно мислење за фактот дека барем првата фаза од мировниот договор сè уште напредува. Сепак, додаде дека сега мора да бараме начин да преминеме на втората фаза, мора да го разгледаме прашањето за управувањето и да најдеме начини да ги гарантираме правата на сите народи. Мора да се стремиме да работиме заедно за правда за сите народи – заклучи Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк

