Папата Лав XIV ја предводеше погребната света Литургија за кардиналот Камило Руини, клучна фигура во животот на Италијанската црква во изминатите децении, кој почина на 16 јуни, на 95-годишна возраст.
„Мудар и вреден пастир“, кој ѝ служел на Црквата „и во најскромните задачи и во оние обременети со најголема одговорност“. Водич за Божјиот народ и за своите браќа епископи, кој нудел насока „во важни и деликатни моменти“.
Со овие зборови папата Лав XIV го опиша кардиналот Камило Руини во својата погребна проповед, изречена во четврток попладне, 18 јуни 2026 година, во базиликата „Свети Петар“.
Покојниот кардинал служеше како генерален викар на Римската епархија и архипрезвитер на базиликата „Свети Иван Латерански“ од 1991 до 2008 година. Од 1991 до 2007 година беше и претседател на Италијанската епископска конференција.
Во својата проповед, папата Лав со благодарност се потсети на проектите, увидите и иницијативите што кардиналот Руини ги презел за време на својата долгогодишна служба на Црквата.
Ковчегот на кардиналот, поставен пред олтарот, ја носеше отворената Книга на Евангелијата — Божјото Слово на кое тој му го посвети целиот свој живот.
Одговор на Божјата милосрдност
Папата истакна дека читањата избрани за литургијата упатуваат на верност кон Христос и Црквата, верност за која кардиналот Руини бил пример.
Првото читање, од Посланието на свети апостол Павле до Римјаните, потсетува дека ништо не може да нè одвои од Божјата љубов — вистина која, според Папата, го „оживувала“ и покојниот кардинал.
Светиот Отец се осврна и на Евангелието според Иван, во кое Исус Му се моли на Отецот оние што Му се дадени да бидат таму каде што е и Тој. Според папата Лав, токму овие зборови го изразуваат водечкиот принцип на животот на кардиналот Руини.
„Во овие зборови“, рече Папата, „ја наоѓаме сумирана програмата, насоката и крајната цел на животот поминат за доброто на браќата и живеен во постојана потрага по Божјите планови за сопственото и нивното спасение.“
Кардиналот Руини, додаде Папата, имал можност да работи со некои од големите светци од поново време, како свети Павле VI и свети Иван Павле II. Од последниот, истакна папата Лав, Руини особено многу примил и научил.
Кон вистината
Сите примерни лични квалитети на кардиналот, продолжи папата Лав XIV, го наоѓаат својот највисок израз во мотото што тој го избрал за својата епископска служба: Veritas liberabit nos — „Вистината ќе ве ослободи“.
Оваа библиска мудрост, рече Папата, е особено значајна и поучна за нашето време, кое често е обележано со дезориентација и несигурност.
Завршувајќи ја својата проповед, Светиот Отец се помоли Бог да му подари на починатиот кардинал „награда на Својот мир што нема крај“. Тој им се заблагодари и на сите кои со посветеност го придружувале, му помагале и го поддржувале кардиналот Руини низ годините на неговата црковна служба, како и во времето на старост и немоќ.
На крајот од литургијата, по молитва на латински јазик, папата Лав XIV го пороси ковчегот со света вода и го окади со темјан.
Ватикан њуз/к.мк

