Папата го отвори „Borgo Laudato si’“: Грижата за созданието е повик за секој човек

Папата го отвори „Borgo Laudato si’“: Грижата за созданието е повик за секој човек

Папата Лав XIV го посети и го отвори „Borgo Laudato si’“ и се сретна со вработените кои се грижат за повеќе од три илјади растителни видови на 55 хектари земјиште. Во својата проповед за време на благословот, потсети дека ние сме суштества меѓу суштествата, а не творци, повикувајќи нè да ја трансформираме природата во место на близина кое ни зборува за Бога.

Папата Лав XIV на 5 септември, го отвори „Borgo Laudato si’“, проект кој опфаќа 55 хектари земјиште кое некогаш било дел од Папските вили во Кастел Гандолфо. Во него се сместени Центарот за високо образование „Laudato si’“, основан со два кирографи на папата Фраљо, и земјоделски систем базиран на принципите на интегрална екологија.

По службата на словото со обредот благослов, Светиот Отец во својата проповед се осврна на прочитаниот евангелски пасус во кој Исус ги поканува учениците да ги гледаат птиците небесни и да набљудуваат како растат полските кринови. Тој потсети дека флората и фауната често се протагонисти на евангелските параболи, а денес тие особено нè охрабруваат преку нив да го запознаеме првобитниот план на Создателот.

Од самиот почеток, сè беше мудро организирано така што сите созданија придонесуваат за остварување на Божјото Царство. Секое создание има важна и специфична улога во својот план и сè е добро, како што е наведено во Книгата Битие.

Исус го нагласува посебното место резервирано за човечките суштества во Божјото создавање: човекот е најубавото суштество, создадено по образ и подобие Божјо. Сепак, оваа привилегија доаѓа со голема одговорност, имено грижа за сите други суштества, почитувајќи го планот на Создателот – забележа Римскиот епископ.

Суштество меѓу суштествата

Грижата за создадениот свет станува вистински повик за сите, повик што се живее во самиот создаден свет, со сознание дека ние сме созданија меѓу созданијата, а не создатели. Затоа, Петровиот наследник се потсети на зборовите на својот претходник папата Фрањо, кој во својата енциклика Laudato si’ за грижата за нашиот заеднички дом нагласи дека е потребно повторно да се открие мирната хармонија со создадениот свет, одразувајќи ја во нашиот начин на живот и идеали, за да можеме да го контемплираме Создателот кој живее меѓу нас и во сè што нè опкружува.

Повикот на Црквата

Ова е охрабрено и со Апостолскиот поттик Laudate Deum. Воспоставувањето на „Borga Laudato Si’“ е една од иницијативите на Црквата насочени кон исполнување на нејзиниот повик да биде чувар на Божјото дело. Оваа задача, која е истовремено предизвикувачка, убава и фасцинантна, претставува примарен аспект на христијанското искуство.

Наследството на папата Фрањо

Папата Лав XIV го нарече „Borgo Laudato si’“ наследство на папата Фрањо, семе кое може да раѓа плодови на правда и мир, цитирајќи пасус од неговата порака за 10. Светски ден на молитва за грижа за Созданието. Тоа е семе кое ќе ‘рти останувајќи верно на својата мисија, односно повикот да биде опиплив пример за размислување, структура и дејствување кои поттикнуваат еколошко преобраќање преку образование и формација.

Светиот Отец го заврши своето размислување нагласувајќи дека чудата на овој проект се синтеза на извонредна убавина што ги испреплетува духовноста, природата, историјата, уметноста, работата и технологијата, а сето ова ни укажува на Бога.

Потоа следеше обредот на благослов на кој Римскиот епископ му се заблагодари на Бога за отворањето на ова место кое нè учи да се грижиме за Неговото дело на создавање кое ни е доверено. Тој се помоли восхитот од убавината на неговите созданија да нè поттикне да размислуваме за големината на Божјата љубов, за да можеме да знаеме како да ја живееме меѓу себе и во сите наши односи. Обредот заврши со песната „Dolce Sentire“ изведена од познатиот пејач Андреа Бочели и неговиот син Матео.

Поздрав од кардиналот Баџо

Кардиналот Фабио Баџо, потсекретар на Дикастеријата за промоција на интегралниот човечки развој и генерален директор на Центарот за високо образование „Лаудато Си“, во својот поздрав ја нагласи важноста на проектот во време обележано со еколошки кризи, конфликти и нееднаквости, како симбол на поинаква иднина заснована на грижа за созданието и целото човечко семејство. Тој го нарече отворањето порака на надеж, потсетувајќи дека еколошкото преобраќање произлегува од средбата помеѓу верата, одговорноста и надежта.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот