Папата: Гладот не смее да се користи како оружје во војна

Папата: Гладот не смее да се користи како оружје во војна

Папата Лав XIV упати порака до 44. сесија на Конференцијата на ФАО, остро осудувајќи ја употребата на гладот како средство за водeње војна, како и фактот што се трошат средства за производство на оружје наместо за искоренување на сиромаштијата.

Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) ја одржува својата 44. сесија во Рим, од 28 јуни до 4 јули.

По повод 80-годишнината од основањето на ФАО, Папата Лав XIV испрати порака до учесниците, во која ја изрази поддршката на Црквата за сите напори насочени за надминување на „скандалот на глобалниот глад“, потсетувајќи на Исусовата грижа, Кој ги нахранил гладните толпи што дошле да го слушаат.

„Разбираме дека вистинското чудо што го направи Христос е тоа што ни покажа дека клучот за победа над гладот лежи не во алчното складирање, туку во споделувањето,“ нагласи тој.

Сепак, рече Папата, и денес многумина сурово страдаат и копнеат по задоволување на основните потреби, бидејќи гладот и неухранетоста продолжуваат, иако во некои делови од светот се произведува повеќе од доволно храна.

„Со длабока тага сведочиме за нехуманата употреба на гладот како оружје во војни,“ истакна Папата. „Изгладнувањето на цивилното население е еден од најевтините начини за водење војна.“

Повеќето современи конфликти, додаде тој, ги водат вооружени цивилни групи, наместо редовни армии. Таквите групи користат тактики како палење на посеви и блокирање на хуманитарната помош, нанесувајќи огромни страдања врз беспомошното цивилно население.

Со избувнувањето на вооружени судири, земјоделците не можат да ги продадат своите производи, а инфлацијата рапидно се зголемува, што доведува до глад и несигурност во снабдувањето со храна за милиони луѓе.

Папата ги повика меѓународните институции да преземат одлучни мерки и да постават јасни граници, со цел одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.

„Политичките кризи, вооружените конфликти и економските пореметувања играат клучна улога во продлабочувањето на кризата со храна,“ додаде тој. „Тие го попречуваат пристапот до хуманитарна помош, го поткопуваат локалното земјоделство и ги лишуваат луѓето не само од храна, туку и од правото на достоинствен живот и на еднакви можности.“

Папата нагласи дека себичноста и рамнодушноста мора да се надминат преку дијалог и меѓусебно разбирање, за да можат општествата да изградат стабилни и отпорни земјоделско-прехранбени системи.

Во тој контекст, истакна тој, климатските промени и прехранбените системи се тесно поврзани: лошото управување со едниот сериозно го загрозува другиот.

„Социјалната неправда што произлегува од природни катастрофи и губење на биодиверзитетот мора да се надмине,“ нагласи Папата, „за да се овозможи праведна еколошка транзиција што ќе го стави во центарот и човекот и природата.“

Тој повика на заштита на екосистемите преку координирана климатска акција, водена од духот на солидарност, за да може ресурсите на планетата да бидат користени така што секому ќе му се гарантира безбедна и хранлива исхрана.

Папата изрази жалење што значителни финансиски средства и технолошки иновации се пренасочуваат за производство и трговија со оружје.

„Како резултат на тоа,“ рече тој, „се промовираат сомнителни идеологии, човечките односи се оладуваат, заедницата се распаѓа, а братството и социјалната солидарност се нарушуваат.“

Во завршницата од пораката, Папата Лав XIV ги повика сите луѓе со добра волја да бидат „градители на мирот, работници за општото добро“, оставајќи ја настрана празната реторика и дејствувајќи со решителна политичка волја во борбата против гладот.

„За да се постигне оваа возвишена цел,“ заклучи тој, „сакам да ве уверам дека Светиот престол секогаш ќе биде во служба на хармонијата меѓу народите и никогаш нема да се измори во настојувањата да придонесе за општото добро на човечкото семејство, особено во корист на најзагрозените и оние што страдаат од глад и жед.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот