Во сабота 27 мај 2017 година папата Фрањо ќе замине на Апостолска посета во Џенова. Меѓу настаните кои со нетрпение се очекуваат е средбата со малите пациенти и нивните семејства во детската болница „Џанина Гаслини“. Папата веќе приготви изненадување за малите пациенти.
Имено, на 25 мај попладнето Светиот Отец преку парохиското радио наречено „Радио меѓу ноти“, кое е основано од свештеникот дон Роберто Фискер, стапи во контакт со малите пациенти во емисијата која секоја среда се емитува во живо, а се посветува на спомнатата детска болница.
Драги деца, штитеници на болницата Гаслини во Џенова, сите вас ве поздравувам со љубов во исчекување на нашата средба во сабота – со тие зборови Папата се обрати на малите пациенти. Сакам да ви кажам дека со радост го очекувам моментот, кога ќе ве сретнам вас и вашите семејства; доаѓам за да бидам поблиску до вас, да ве слушнам и да ви ја пренесам Исусовата нежност. Тој постојано е покрај нас, посебно кога сме во тешкотии и во потреба. Тој постојано ни дава доверба и надеж. Веќе сега се молам за вас, но и вие, ве молам, молете се за мене. Ви благодарам, се гледаме во сабота – рече папата Фрањо.
После поздравот Папата заедно со децата измоли Радувај се Маријо и на малите пациенти и нивните семејства им даде апостолски благослов.
РВ/к.мк