Папата ги повика француските бискупи да ги прифатат заедниците поврзани со Vetus Ordo

Папата ги повика француските бискупи да ги прифатат заедниците поврзани со Vetus Ordo

Папата Лав XIV испрати порака до Француската бискупска конференција по повод нејзиното Пролетно пленарно собрание во Лурд, охрабрувајќи ги бискупите да го бранат католичкото образование, цврсто да истраат во соочувањето со злоупотребите и да размислуваат за начини како да ги прифатат заедниците поврзани со Vetus Ordo.

На отворањето на нивното Пролетно пленарно собрание, бискупите на Франција беа поздравени од папата Лав XIV со порака потпишана од државниот секретар, кардинал Пјетро Паролин.

Образованието, злоупотребите и Литургијата ги сочинуваат трите централни теми на писмото упатено до бискупите. Токму овие теми ќе ги насочуваат и нивните разговори во текот на четирите дена во богородичното светилиште во Лурд.

Одбрана на католичкото образование

Во време кога во јавноста сè уште постои загриженост поради неодамнешните скандали со злоупотреби во образовните установи, папата Лав XIV признава дека постои „клима на растечка непријателска настроеност“, но ги повикува на истрајност во одбраната на католичкото образование.

Посебно повикува неговиот христијански идентитет, односно самата негова „причина за постоење“, да се чува „со решителност“, а истовремено да продолжи да се поттикнува отвореност и почит кон уверувањата на сите.

Злоупотреби: милосрдие за сите

Второто прашање со кое се занимаваат бискупите е злоупотребата на малолетници. Црквата во Франција вложува постојани напори за соочување со оваа криза, особено по создавањето на Независната комисија за сексуална злоупотреба во Црквата (CIASE) на 8 февруари 2019 година, само неколку недели пред средбата во Ватикан свикана од папата Фрањо.

На таа средба, папата Фрањо ја нагласи должноста на Црквата „внимателно да го слуша“ „задушениот, тивок крик“ на жртвите.

Надоврзувајќи се на тоа, папата Лав ги повика француските бискупи и понатаму да ги слушаат жртвите и да се грижат за нив, истакнувајќи ја потребата од долгорочни мерки за превенција, како и од тоа Божјото милосрдие да се пружи кон сите.

Литургијата и Тридентската литургија

На крајот, Папата се осврна на едно прашање на кое е „особено внимателен“: сè поголемиот број заедници поврзани со Vetus Ordo, односно со славењето на латинската Литургијата што била во употреба пред Вториот ватикански собор.

Во тој поглед, папата Лав XIV изрази загриженост дека оваа состојба може да отвори „болна рана во Црквата во врска со славењето на Литургијата“, која ја опиша како „таинствен знак на единството“.

Ако Црквата е мајка што се грижи за своите деца, рече тој, тогаш таа треба да ги лекува раните и да учи да гледа на другите „со обновено разбирање и со поголема чувствителност“.

Затоа тој ги повикува бискупите, со помош на Светиот Дух, да бараат „конкретни решенија“ што великодушно ќе ги вклучат оние кои искрено се поврзани со Vetus Ordo, а истовремено ќе останат верни на насоките на Вториот ватикански собор.

Јасни знаци на надеж

Иако ги признава „тешките времиња“ со кои се соочува Црквата, папата Лав XIV укажува и на „знаци на надеж и на Божјо присуство во срцата на луѓето“. Еден таков знак е значителниот пораст на бројот на катехумени во текот на изминатите десет години.

Бројот на кандидатите кои ќе примат крштение на Велигденското бдение на 4 април наскоро ќе биде објавен од Конференцијата на француските бискупи, а нагорниот тренд очигледно ќе продолжи и во 2026 година. Во 2025 година имало 17.800 катехумени, а оваа година бројката би можела да надмине 20.000.

Ова укажува на обновен духовен интерес, кој треба да се согледува и во поширокиот контекст на повеќе од две децении опаѓање на барањата за крштение.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот