Папата ги повика свештенството и верниците во Франција на мисионерско преобраќање

Папата ги повика свештенството и верниците во Франција на мисионерско преобраќање

Во катедралната базилика Нотр Дам во Париз, папата Лав XIV ја служеше Вечерната богослужба со епископи, свештеници, ѓакони, семинаристи и богопосветени лица. Во својата проповед, Светиот Отец ги повика на мисионерско преобраќање, на автентична љубов кон литургијата и на постојана близина со Господ преку молитвата.

Зборувајќи во катедралата Нотр Дам во Париз, седум години по разорниот пожар што уништи голем дел од храмот, папата Лав XIV ги охрабри свештенството и верниците во Франција да се вдахновуваат од визијата за мисионерско преобраќање што папата Фрањо ја изложи во апостолскиот поттик Evangelii gaudium.

Обновената катедрала како можност за средба

Светиот Отец рече дека убавината на обновената катедрала „им зборува на нашите немирни срца и ги повикува кон мир“.

Тој ги истакна јавните, приватните и црковните напори вложени во нејзината обнова, кои повторно ги оживеале културните, егзистенцијалните и духовните патишта што Нотр Дам ги отвора пред секој човек.

Обновата на катедралата, рече Папата, претставува можност за средба со сите, особено со оние што се наоѓаат на перифериите и кои можеби изгледаат далеку од Црквата, но во извесна смисла веќе се блиску до Христос.

Обновениот Нотр Дам може да стане вдахновение не само за Париз, туку и за сите градови и региони во Франција, кои можат да бидат преобразени преку „едноставно и гостопримливо мисионерско присуство“.

Таквото присуство, нагласи тој, може да придонесе за усогласување на културните различности и за исцелување на поделбите и раните во современото општество.

Без литургијата, црквата „ја губи својата душа“

Папата Лав XIV потсети дека Нотр Дам, како и секој христијански храм, пред сè е место за молитва и славење на Бога, особено преку Евхаристијата.

„Без литургијата“, рече тој, црквата би „ја изгубила својата душа“.

Токму во литургиското собрание, продолжи Папата, Црквата се покажува онаква каква што навистина е: жив организам и заедница на верници која во својата молитва и пофалба го собира сето она што културата и традицијата ѝ го предале.

„Таа е тело кое, преку своето славење, му ја открива на секој човек причината за своето постоење“, истакна Светиот Отец.

Размислувајќи за литургијата, папата Лав XIV ја опиша како место на надеж и мир. Живеењето според литургиската година, рече тој, нè прави „сопатници на Христос“, славејќи ги настаните од Неговиот живот, а истовремено ни помага подобро да ги препознаваме и „знаците“ на нашето време.

Автентична љубов кон литургијата

Папата ги повика оние што се грижат за литургискиот живот прославите секогаш да ги извршуваат со достоинство и почит, „дури и кога се собираат помали заедници“.

Тој ги охрабри да бидат „свесни наследници на црковните отци и светителите кои низ вековите ни го предале длабокото значење и убавината на литургијата“, секогаш покажувајќи голема понизност пред Тајната што се слави.

Светиот Отец се осврна и на литургиската обнова на Вториот ватикански собор и ги повика свештенството и верниците „да негуваат автентична љубов кон литургијата“ и да бидат „сведоци и служители на пророчкиот, свештеничкиот и царскиот повик на целиот Божји народ“.

Тој ги повика „заедништвото со Петровиот наследник и со Црквата да го ставаат пред личните преференции“, со цел да се гради и зачувува единството на Божјиот народ.

„Нов поттик кон светоста и секојдневната мисија“

На крајот, папата Лав XIV им се заблагодари на присутните за нивниот одговор на Божјиот повик и за нивната верност кон Господ, охрабрувајќи ги да останат постојано блиску до Него преку молитвата.

Потсетувајќи на визијата за Нотр Дам како „отворена“ катедрала, Светиот Отец рече дека таа „е преродена за и вие со неа да се преродите во нов поттик кон светоста и секојдневната мисија“.

„Среде вашиот народ, бидете јасен израз на божественото мајчинство на Црквата, која, сведочејќи за Божјата љубов, го обновува и исцелува човечкото семејство“, рече Папата.

Својата проповед ја заврши со молитва Пресвета Богородица да ги зачува верни и „да биде ѕвездата што ќе ја води мисијата на Црквата во Франција“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот