При посетата на парохијата во периферната населба Квартичоло папата упати повик „да бидат квасец на доброто и правдата“
Папата Лав XIV ги охрабри римските верниците во нивниот ангажман за заедницата. При посетата на една парохија во римската периферија Квартичоло, во недела 1 март 2026 година, тој ги поттикна, и покрај сериозните проблеми во населбата, да продолжат да ги примаат сите луѓе во својата заедница. „Продолжете по овој пат на отвореност кон средината и на исцелување на нејзините рани“, апелираше Лав XIV. „И се надевам дека други ќе ви се придружат, тука во Квартичоло да бидете квасец на доброто и правдата.“ Тој посебно го пофали ангажманот на парохијата со младите.
Со дел од нив папата Лав XIV се сретна уште пред богослужбата, заедно со членовите на нивните семејства. Потоа следела средба со постари, болни и лица со попреченост од парохиската заедница, како и со волонтери. Парохијата „Христово Вознесение“ во источниот дел на италијанската престолнина ја водат свештеници од Редот на Пресветото Срце Исусово.
Населбата, со околу 4.000 жители, е изградена во рамките на социјалното домување по Втората светска војна. Денес таа се соочува со невработеност, употреба на дрога и растечка стапка на криминал. Регионот Лацио и градот Рим неодамна најавија дека ќе инвестираат 75 милиони евра за санација на објектите и за подобрување на инфраструктурата во ова периферно градско подрачје.
Средбата со црковниот поглавар беше дел од серијата пасторални посети на Папата. Папата Лав XIV кој покрај тоа што е поглавар на околу 1,4 милијарди католици во светот, воедно е и бискуп на Римската бискупија, која со околу 2,6 милиони католици во 330 парохии, по Милано, е втората најголема бискупија во Италија. Во февруари Лав XIV веќе посети парохии во Остија и во центарот на градот. Во следните две недели, Лав XIV ќе се сретне со верниците од уште две парохиски заедници.
Катпрес/к.мк

